Во недела се отвора скопскиот Аква-Парк

Во недела, 21 јули, се отвора Аква паркот во состав на Спортскиот Центар Борис Трајковски. Отворањето е закажано за во 13.30 часот. Аква паркот ќе го отвори премиерот на Република Македонија, Никола Груевски.

Аквапаркот ќе има 10 тобогани, светски познатиот мултислајд, ќе има турбо-ленс и бумеранг-тобогани, како и спејс-боул тобоган со ноќни ефекти. Придружни објекти, покрај тобоганите, ќе бидат базенот со бранови, мрзливата река и базен за дечиња до 7 години, кој е опремен со тематски реквизити од познатиот филм “Пиратите од Карибите”. Се планира аквапаркот да работи во два дела од денот, односно да биде отворен од 11 часот претпладне до 17 часот попладне. По завршувањето на првата смена ќе следува половина час пауза каде што ќе се грижи персоналот, пред се, за хигиената, потоа од 18 часот па до полноќ да функционира втората смена.

Од спортскиот центар исто така најави дека цената на влезницата нема да биде еквивалента на објектите од ваков тип во другите држави, бидејќи целта е да биде достапна за секој џеб. Таа ќе чини околу 350 денари за дневен билет, па така повеќе граѓани ќе можат да си го дозволат задоволство што ќе го пружи аквапаркот.

Градежните работи ги изведува група понудувачи што се пријавиле на тендерот кој беше распишан од страна на спортскиот центар. Станува збор за градежната фирма “Жикол” од Струмица, турската фирма “Полин” која зад себе има околу 2000 проекти од ваков тип ширум светот, како и фирмата “Електро унион-Скопје”.
Висината на инвестицијата за изградбата на аквапаркот е околу 4,2 милиони евра, а средствата се обезбедени од страна на Владата. Тој се простира на површина од 12 илјади метри квадратни и се наоѓа на северната страна од спортскиот центар, односно веднаш до хотелот “Александар Палас”.