ФОТО: Александар Македонски насликан на куќа во Кичевско од пред 102 години

Она што на многумина кои не се оттука им е во најмала рака „сензационално“, за овдешниот народ е секојдневие, традиција. Низ кичевско од генерација на генерација се пренесувани најразлични легенди кои го споменуваат Александар Македонски, па така децата од мали знаат кој е. Кај поминал, што рекол, кај се напил вода, кого сретнал, што зборувале… Легенди. Каде има чад, има и оган вели народната.

Ова е куќата на Вишовци во село Велмевци на патот од Кичево кон Демир Хисар. Се наоѓа на средсело. Убава, лична,  забележлива. Завршена е на 13 јуни 1911 откога датира и фасадата. На еден дел, била нацртана и оваа апликација со приказ на владетел. На Александар Македонски. Освен што е опеан во песните, раскажуван во легендите, нашите предци во тие тешки времиња го сликале на репрезентативни места. До куќата е и селската црква, па овој приказ може да го видат многу луѓе.

И во тие матни времиња кога народот се нашол на удар на пропагандите, во себе си го носел своето и јавно го искажувал. Минале секакви времиња, турско, српско, бугарско, комунизам… народот преживеал се и еве, оваа слика останала до денес. Со која идеја се носеле предците? Можеби: „да не заборават внуците кои сме и што сме, оти сме Македонци“.

Веднаш до оваа куќа се наоѓала и постарата семејна куќа која тогаш била постара од 100 години. Дали истиот лик ја красел и нејзината фасада, останува само да погодуваме.

Се надевам дека државата ќе одвои средства за да се заштити оваа стара куќа и да сочуваме уште една изворна порака од прадедовците.

Exit mobile version