Балканци печеле јагниња во Берлин, морала да интервенира полиција и пожарна

Берлинската полиција во понеделникот, на нејзината фејсбук страница објави невообичаена објава во која раскажуваат за уште поневообичаена случка која ја имале викендов. 

Имено, од централата добиле повик под итно да се упатат во паркот во Фридрихшајн, каде некои луѓе најверојатно прават скара на недозволено место. Кога пристигнале на лице место, имале што да видат. Распалена скаричка, 12 јагниња се вртат на ражен и тоа не било каков ражен, туку поврзан со акумулатор за луѓево да не се мачат „рачно“, деца трчкаат наоколу додека нивните фамилии одмораат на убавото време додека мевцето се крчка. 

Кога ги прашале што прават, им рекле дека го славеле вака Велигден(!?)… веќе 10-та година на истиов начин! Полицијата ги замолила да ја изгасат скарата и местото да го доведат во првобитна состојба (за таква постапка може да биде изречена и казна), а во меѓувреме повикале и противпожарна служба. 

Луѓето соработувале и се се завршило во најдобар ред.

Во меѓувреме полицијава и пожарникариве си ја објавуваат случкава на официјалниот фејсбук. Пожарникарите дури поставиле и неколку корисни совети за приготвување на скара.