Село Белица како пример за останатите села во кичевско

Некогаш едно од најголемите села во кичевско со скоро 1000 жители. Позната по многу вода, рибникот и пикник дестинација, особено за 1-ви мај. Позната и по револуционерното минато, по бурна историја, старото црквиче Свети Александар, убавата селска црква Свети Ѓорѓија, воденици, валајци, разни занаети, првата хидроцентрала… Миграцијата село-град речиси и да го опусте ова село, како и повеќето села од кичевско.

Училиштето „Стојмир Пантилески“ во Белица, некогаш полно со дечиња

Во Белица до пред 40 години работело и селското училиште „Стојмир Пантилески“, осмолетка, во која учеле деца од Белица и околните села. Од селските клупи излегле, лекари, инженери, економисти, правници… Детскиот џагор одамна го нема. Луѓето се распрснаа низ целиот свет. Полека почна да пропаѓа убавиот објект на училиштето кој бил граден со голема љубов од селаните пред повеќе од 80 години. Но секоја година налето нивните деца го посетуваа родното село, незаборавајќи откаде се.

Белица некогаш…

Пред повеќе од 10 години селото ја обнови традицијата да го празнува големиот празник Богојавление – Водици, прекинат пред повеќе од 100 години. Големо село, немаше луѓето каде да се сместат. Селото живна, празник за очи. И така, се роди идеја – запуштениот објект на некогашното училиште да се обнови и да се прилагоди за потребите на селото.

Со многу љубов, труд и верба, преминувајќи низ разни кризи и препреки, селаните на Белица од руина, градат убав објект наречен „Беличка палата“. Донации и несебична поддршка стигнуваше и од беличани но и од многу други луѓе кои ја препознаа големината на ова дело.

Пред неколку години и сега

Градежните работи започнаа во 2010 година. Беше направен проект, расчистен шутот и се санираа постоечките ѕидови на кои се крена уште еден кат. Минатата година објектот беше покриен. Работата продолжи и оваа година со надеж дека „Беличката палата“ ќе се доврши.

Кога се има слога, се’ се може

Секоја година налето почнаа да се одржуваат „Беличките средби“. На овој ден, беличани од целиот свет се собираат во родното место, заедно со своите семејства.

Белички средби, добредојдени се сите

Селаните не застануваат тука, имаат планови за развој и повторно заживување на ова место. Можности има безброј, само финансиите се проблем. Со надеж за помош од луѓето и институциите, сонот повторно да заживее ова прекрасно село, продолжуваат.

Комплексот на Беличката палата кога ќе биде готов

Ако некој беше скептик кога започна реализацијата на овие проекти, сега треба да се преиспита. По примерот на Белица тргнаа и други села. Со заеничка соработка сигурно ќе се постигне целиот регион да живне и да се искористат сите потенцијали кои ги нуди овој крај. Отворање на нови работни места, развој на туризмот како примарна цел.

Белица, еден убав пример како може да заживеат кичевските села! Kicevo.Mk секогаш безрезервно ќе ги поддржува ваквите активности.

Текот на работите низ слики, погледнете тука.

Белица на www: http://belica.mk/

Белица на Facebook: http://www.facebook.com/belica.mk

Белица на Twitter: http://twitter.com/belicamk

Белица на YouTube: http://www.youtube.com/belicamk