Деспотоски: Денешното чествување е доказ за нашата доследност во почитувањето на вредностите

Кичево денеска го слави својот патронен празник – 11 Септември. На свеченоста, што се одржа  на градскиот плоштад, пред присутните граѓани се обрати  градоначалникот на  Кичево Благоја Деспотоски.

– 11 Септември е денот кој го означува конечното ослободување на граѓаните на градот Кичево. Ослободување од големото зло кое ги надвисна за време на Втората светска војна. Патешествијата и големите борби, особено во Кичево и Кичевско се надалеку познати и длабоко врежани во нашата историја и свест. Денешното чествување и поклонување  над вечниот дом на паднатите борци е доказ  за нашата постојаност и доследност во испочитувањето на големите вредности, рече Деспотоски.

Пред нас стои една нова цел, потенцира тој, нов аманет и обврска кон која заеднички тежнееме, тоа е нашата евроинтеграција и обезбедување на членство онаму каде што  и отсекогаш сме припаѓале – Европа и семејството на европските народи.

– Со имплементирањето на европските вредности и стандарди, се надеваме дека ќе бидеме добар пример и оти ќе ја заслужиме почитта од нашите идни генерации, истакна градоначалникот Деспотоски.

Деца крај спомен костурницата на Китино Кале каде лежат моштите на 555 борци кои загинале во текот на Втората светска Војна во овие краишта (Фото: Општина Кичево)

На прославата беше интонирана македонската химна и беше подигнато знамето на Кичевско-мавровски партизански одред од страна на членот на извршниот одбор на боречката организација, Стеван Стеваноски – Кале. Се положи цвеќе на гробиштата на 518 борци, јунаци на тоа време во месноста Кале.

Прославата ќе заврши вечер, со концертот што ќе се одржи на платото пред Домот на културата. Се очекува да настапат КУД „Кочо Рацин“ од Кичево и мешаниот хор „Вардар“ од Скопје.

Exit mobile version