ФОТО: Кичево конечно ќе добие нова модерна болница

Министерот за здравство Никола Тодоров по посетата на Општата болница изјави дека Владата на вчерашната седница донесе одлука да почне еден голем инвестициски зафат на објект кој е започнат во раните деведесетти години, а кој треба да прерасне во нова современа општа болница во Кичево.

Инвестицијата, посочи тој, се проценува на околу 200 милиони денари.

– Согласно динамиката која ја утврдивме на седницата на Владата, тендерот за градба треба да биде распишан во средината на јуни, а градежните работи треба да почнат во август и сите да бидат завршени во рок од 18 месеци, истакна Тодоров.

Тој рече дека на овој начин сакаат во тој објект да ги сместат сите одделенија – Гинекологија, Интерно одделение, амбулантски дел, нов Ургентен центар, делот за дијализа и на тој начин да овозможат поквалитетна здравствена заштита на граѓаните на Кичево.

– Објектот планираме да го реконструираме согласно најновите и најсовремените стандарди во здравството, односно стандардите што ги имаме при изградба и реконструкција на сите здравствени објекти. Тоа значи ќе има тоалет во секоја соба, ќе се почитуваат сите правила за спречување на интра хоспитални инфекции, нови современи лифтови, паркинг-простор за сите кои ќе доаѓаат во болницата и целосно партерно уредување на околината на овој објект, истакна Тодоров.

Ова, како што посочи, е уште една потврда дека Владата ќе продолжи да го поддржува Кичево и кичевчани и да овозможи подобар живот за сите граѓани кои живеат во Кичево.