Kичевската општа болница обезбеди дванаесет специјализации

Седум специјализации со програмата за 2012-та и пет специјализации со програмата за 2013-та обезбеди кичевската општа болница и по подолг период оваа здравствена установа ќе ги пополни празнините од недостиг на специјалисти од повеќе гранки.

– Со програмата за 2012 година обезбедивме седум специјализации во гранки во кои или немавме лекари-специјалисти или нивниот број беше недоволен за нормално функционирање на нашата болница. Со зимскиот семестар на специјализација ќе заминат лекари за следните специјалистички гранки:
гинекологија и акушерство, анестезиологија со интерна медицина, дерматовенерологија, интерна медицина, офталмологија, општа хирургија и болничка педијатрија. Овие специјализации ќе се одвиваат според новата програма и ќе бидат во траење од пет години. При изборот на специјализанти, предност ќе добијат оние лекари што оствариле подобар просек во студирањето и добиле највисока оцена по предметот што е најсуштествен за одредена специјализација. Овие бројки на кандидатите ќе им обезбедат дури 80 проценти при евалуирањето на нивната кандидатура – рече Маја Радеска, заменик-директор на Општата болница во Кичево.

Покрај седумте специјализации за 2012-та, Општата болница во Кичево обезбеди и пет специјализации за 2013 година, кои треба да почнат во зимскиот семестар идната година.

– Вложуваме огромни напори и петте специјализации за 2013 година да почнат со зимскиот семестар. Со програмата за идната година се обезбедени следните специјализации: гинекологија и акушерство, анестезиологија, инфектологија, ОРЛ и една супспецијализација од ургентната медицина по неонатологија – додаде Радеска.

Во овој момент во Општата болница во Кичево недостигаат повеќе специјалисти, дел од овие гранки се покриваат со специјалисти од соседните градови Прилеп и Битола.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија