ФОТО: Бранителите се собраа во Смилево

Ако пред 110 години Смилево беше местото каде што се собраа македонските илинденски ослободители, вчера Смилево беше повторно собирно место, но овој пат на нејзините бранители. Не можеше да се случи пооригинална идеја, и посилно да блсне септемвриското сонце, првото Обединувачко собрание  на бранителите, членови на дружението на припадници на безбедносни сили „Бедем“,  да се одржи во Смилево, местото каде што се одржа Смилевскиот конгрес и родното село на илинденскиот идеолог и стратег, Даме Груев.

Над 500 членови на ова здружение од цела Македонија како и голем број на гости меѓу кои градоначалникот на Општина Демир Хисар Љупчо Блажевски, како домаќин, пратеници и други познати политички личности, под отворено небо, во спомен паркот „Даме Груев“ присуствуваа на обединувачкиот собир на македонските бранителите.

– Ние во Македонија сме покажале и докажале многу пати дека секојпат сме знаеле да застанеме заедно, без разлика на верската и национална припадност, во одбрана на нашата татковина. Така било и пред еден век, така беше и во 2001 година, така ќе биде и за век и веков. Ова Собрание е можност за обединување под знамето на Македонија, како и пред 110 години“, рече во своето обраќање претседателот на БЕДЕМ, Горан Димовски.

Ти, покрај другото истакна, дека на овој начин даваат до знаење дека ова Собрание има за цел да ги обедини бранителите и да упати порака дека бранителите биле и секогаш ќе бидат во првите линии кога се брани мирот и безбедноста на нашиот народ и нашата Македонија.
На Собранието требаше да говори и Јохан Трчуловски кој од лични причини, во последен момент го откажа присуството.

Инаку пред одржувањето на Собранието, бранителите положија цвеќе и се поклонија пред гробот на Даме Груев, присуствуваат на панихидата што се одржа во црквата Свети Ѓорѓија во Смилево, а во војнички организирани колони, продефилираа низ смилевските улици.


На крајот се одржа културно – уметничка програма на која настапи КУД „Гоце Делчев“ од Битола, како и естрадните уметници Сузана Спасовска и Орце Стевковски.
За сите учесници, АРМ приреди ручек со војничко гравче.