Кичевското дервишко Чули Баба Теќе

Зачетоците на исламот и исламската архитектура во Македонија датираат од втората половина на 14 век кога на територијата на Македонија доаѓаат Османлиските Турци. Со себе ги донеле својата вера, обичаи и култура. Османлиите на овие простори граделе џамии, тулбиња, медреси, амами, теќиња… Добар дел од тие градби се зачувани до денешен ден и се заштитени како споменици на културата, објекти кои сведочат за дел од минатото на Македонија.

Османлиите во Кичево доаѓаат во 1385 година. Најстариот потврдена градба од исламската сакрална архитектура е џамијата во Бичинци која потекнува од 1420 година. Но интересна е и џамијата Султан Бајазид за која се претпоставува дека е малку постара и потекнува од 1402 година. Нејзиното точно датирање сеуште не е утврдено со сигурност.

Од османлиските градби во Кичево се и џамијата во Бала Маало (можно е нејзиното име да е Мехмет хан, забележана во пописен дефтер од 1564 година), Чаршиската чешма, амамот, Саат Кулата (1741 година), како и неколкуте дервишки теќиња.

Меѓу нив е Чулу Баба Теќе е еден од најстарите исламски верски објекти изградени во Кичево. Теќето е активно.

Чулу Баба Теќе е изградено во 1560 година. За него има ‘Берат’ и дозвола. Во ова Теќе активно се изведуваат верски обреди. Во негов склоп има Тулбе кое е изградено во 1595 година. Тулбе е еден вид на гробница во во кое се погребуваат луѓе кои имаат позначајна функција во Теќето, како на пример Шехот или дервишите.

Tеќето е реновирано неколку пати во своето постоење, во 1880, 1932, 1995 и 2012 година кога го добива денешниот изглед, а во исто време е реновирано и Тулбето.