Дали и кичевчани се борат во Сирија?

Откако во вторникот во македонските медиуми беше објавена веста дека во Сирија загинал 28 годишниот Расим Зеќири од гостиварското село Беловишта, во јавноста се постави прашањето колку борци од Македонија се борат на фронтовите на Блискиот Исток?

Зеќири се борел во опозициската група „Јабха ел-нусрах“ проти владините трупи на претседателот Башар Ал-Асад. Оваа група се поврзува со Ал Каеда и е ставена на црната листа на САД како терористичка група. Имал жена и 3 деца. Живеел во Австрија. Неговите родители требало за неколку недели да дојдат во родното село. Расим Зеќири кој загина во неделата е погребан во Сирија.

Фотографија на која според порталот Алмакос се гледа Расим Зеќири

Мотивите за неговото заминување на фронт биле од верски побуди. Пред 2 дена Утрински Весник објави репортажа во која наведува дека оџите кои изминатите години се школувале на факултетите во Саудиска Арабија и во Каиро. Ги има над дваесетина:

„Исламскиот фундаментализам во Гостивар се ‘пресели‘ од Босна и Херцеговина некаде по крајот на војната во таа земја. Го донесоа дел од гостиварците што живееа таму. Таму беа ‘задоени‘ со радикализмот и од тогаш се обидуваат да го пренесат врз што е можно поголем број граѓани“, велат нашите соговорници.

На почетокот во тишина, а сега со се’ поголем успех. Финансирани главно од Саудиска Арабија, се’ полесно успеваат да продрат пред се’ до социјално загрозените слоеви. Им се помага финансиски и тоа е доволно да се допре до верниците. Потоа и зацврстувањето на идеалите оди полесно.

„Но, не се само сиромашните. Во гостиварско има две богати фамилии што се приврзаници на исламскиот радикализам“, тврдат гостиварци.

„Располагаат со многу пари. Секое семејство, а речиси никогаш кај нив не оди само поединец, добива од 300 до 500 евра месечно. Солидарни се меѓу себе. На пример, се случува да отворат бутик за облека, што да речеме ја добиваат од Турција. Доколку не успеат да ги продадат сите парчиња, тогаш излегуваат на тезга на улица и продаваат по половни цени. Парите одат во нивните групи, а потоа и во хуманитарни цели. Најчесто работат преку невладини организации, па полицијата не може да им влезе во трага“, објаснуваат нашите соговорници.

Нивните приврзаници се верски фанатици. Лесно забележливи по долгите бради и воочливата облека, не се популарни меѓу обичните муслимани. Тоа јасно ни беше посочено и од верниците во џамијата во Беловишта.

„Тие се закана за сите нас, и за Македонци и за Албанци, бидејќи нивната цел е оштетување на исламот како религија“, зборуваат соговорниците на Утрински Весник.

Луѓе со карактеристични долги бради и лесно воочлива облека последниве години се среќаваат и на кичевските улици. Во разговор со муслимани од Кичево кои бараат да останат анонимни, наведуваат дека радикалните групи најчесто делуваат помеѓу сиромашни фамилии кои добиваат месечен надоместок од 500 евра. Овие групи се активни во кичевско, но досега не е познато дали успеале да регрутираат и испратат борци на Блискиот Исток. Следбениците на традиционалниот Ислам во овие луѓе гледаат закана како за сопствената вера, така и за безбедноста.

Во граѓанската војна во Сирија која беснее веќе 2 години се проценува дека загинале близу 100 000 луѓе. Од едната страна се борат владаните сили на сирискиот претседател Башар Ал-Асад (кој припаѓа на малцинската секта Алавити). Семејството Асад ја владее Сирија од 1971 година, започнувајќи со Хафез Ал-Асад, таткото на денешниот претседател. Башир Ал-Асад на власт дојде на 17 јули 2000 година по смртта на татко му. Неговата власт е оценета како полиберална отколку владеењето на Хафез Ал-Асад.

На страната на Асад се бори либанската шиитска милиција Хезболах („партијата на Господ“, на црната листа на САД како терористичка група), Друзе, Иранската револуционерна гарда и уште неколку помали, претежно шиитски милиции од Палестина, Ирак и Иран. Претседателот Асад е индиректно поддржан и од сириските Христијани кои се на удар на опозициските групи, пред се поради неговата секуларна политика. Оваа страна е поддржана главно од Русија и Кина.

Сириската опозиција која се бори против Башар Ал-Асад е сочинета од десетини групи, претежно Сунити. Дел од нив се поврзани со Ал-Каеда. Опозицијата финансиски и воено е поддржана од западните земји, воглавно од САД и Велика Британија и Турција, но и од Саудиска Арабија, Катар .

Поради фактот што во сирискиот конфликт директно се вмешани светските сили, оваа војна ја нарекуваат „Трета светска војна во мало“.

Се шпекулира дека од Балканот на фронтовите на Блискиот исток се борат околу 500 борци. Како регрутен центар се јавува Косово откаде борците се испраќаат за Сирија. Но поради блискоста со Македонија, борци кои одат на фронтовите има и оттука. Случајот со убиството на Расим Зеќири е доказ за тоа, но и случајот со осомничените за масакрот на Смилковското езеро за кои беше објавено дека не само што биле следбеници на радикалниот Ислам, туку и војувале против војските на НАТО во Авганистан и Пакистан.