Дечиња од ФК Атлетико од Битола го посетија манастирот Пречиста

Дечиња од најмлада возраст, членови на школата на ФК Атлетико од Битола вчера беа во посета на манастирот Света Богородица Пречиста.

– На наша огромна радост нашата света обител беше посетена од најмладите членови на ФК-Атлетико Битола, кои заедно со нивниот тренер Никола Гелевски го разубавија
и така прекрасниот дом на Богомајката. Тие млади во години, а големи по дух дечиња несебично учествуваа во манастирските послушанија заедно со сестрите, а воедно и се насладија од духовните поуки и се запознаа со богатата историјата на манастирот како и со манастирскиот богослужбен живот. – напиша Сестринството на својата фејсбук страница.

Посетата беше на голема радост на манастирското сестринство кое ги запозна дечињата со мисијата и историјата на нашиот храм. 
– Дружењето со најмладите е поука и повик да се промениме, да излеземе од тој затворен круг што нѐ попречува да „запловиме подлабоко“ во духовните пространства, да заборавиме на „методите“ со кои ги решаваме нашите секојдневни животни тегоби. Единствениот јазик што децата најдобро го разбираат, а и нам ни го нудат за да се разбереме со сите, е јазикот на радоста, играта и најважно љубовта.

 

Манастирот Пречиста е едно од најголемите духовни врела во Македонија и регионот и секогаш привлекува голем број на верници и посетители од сите возрасти од разни краеви на државата, но и од странство.