Демант од екс-градоначалникот Благоја Деспототски за преименувањето на улицата Душан Јовески

Во врска со написот „Дехари исполни аманет од Деспотовски – една улица доби новo име“ на Фатљуме Дервиши објавен на порталот „Плусинфо“ со демант се јави поранешниот градоначалник на Кичево, Благоја Деспотоски. Во демантот се вели:

Јас никогаш не сум бил, нити ќе бидам за преименување на улицата Душан Јовески бидејќи тој освен што е народен херој, тој потекнува од истото село, село Јагол, од каде потекнувам и јас. Неговата личност,  дело и заслуги за населението и за мене се огромни. Да посочам дека советничката група на „Кичевчани за Кичево“ во советот на општина Кичево гласаше против овој манипулативен предлог.

Доколку администрацијата на денешниот градоначалник Фатмир Дехари, секретарот Рамиз Реџепи и претседателот на советот, Ќамил Алиу продолжат да манипулираат со чувствата на кичевчани, пред се на Турците и Ромите ќе ги потсетам дека новоизградениот мост во населбата Чифлик не сакаа да го именуваме „Мост на македонско-турското пријателство“. Тој мост секако им служи на сите и го користат сите граѓани. За време на мојот мандат ги воведовме паралелките на турски наставен јазик во гимназијата „Мирко Милески“ за да може турското население да учи на својот мајчин јазик. За време на мојот мандат се изградија над 130 улици во сите делови од градот. Нив и ден денес ги користат сите граѓани. Особено би ги издвоил улиците и канализацијата изградени во населбите каде живее ромско население. Овие и многу други инфраструктурни проекти кои се од корист во секојдневниот живот на кичевчани беа иницирани и изградени за време на мојот мандат.

Искреноста се покажува со дела. Градоначалникот Фатмир Дехари и неговите соработници не се искрени и манипулираат со чувствата на граѓаните. Доколку е искрен во неговите намери, нека го покаже тоа на дело и нека направи нова улица или инфраструктурен проект па нека го именува.

Ваквите манипулации не им користат на кичевчани.

Со почит, Благоја Деспотоски

Exit mobile version