Деспотоски: Имаме 4.500 гласови предност за победа во Кичево

Бројките од минатите избори во Кичево покажуваат разлика од 4.500 гласови кои се тешко надминливи, вели за А1Он актуелниот градоначалник на Кичево и кандидат за СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за уште еден градоначалнички мандат Благоја Деспотоски, според кого овие бројки му давале за право да очекува уште една победа во Кичево и покрај најавите на албанските партии дека со чартер летови директно ќе се носат граѓани Албанци од дијаспората за да гласаат.

– Бројките од минатите избори покажуваат разлика од 4.300 до 45.00 гласови што е тешко надоместливо. Бројките се однесуваат на Кичево во границите во кои сега се наоѓа. Бројките собрани се од сите партии и коалиции и тие покажуваат разлика од 4500 гласови што е тешко надоместливо. Најважно за Кичево е да има фер и демократски избори, а се друго натаму ќе го видите – вели Деспотоски за А1Он.

Според Деспотовски коалицијата на македонските партии во Кичево била резултат на барањето на кичевчани, но и реакција на коалицијата која ДУИ со ДПА и РДК ја направија во Кичево веднаш по обелоденувањето на кандидатот на ДУИ, Фатмир Дехари.

– Ова беше реакција само на тоа. Гледате македонските партии колку тешко се договараат, додека тие веднаш се договорија. Интензивно се работи на терен и мислам дека сите ќе си ја сработат својата работа – вели Деспотоски.

Деспотовски очекува дека нема да има полнење на кутии како што било порано во Ослемеј и Зајас кои сега се припојуваат кон Кичево.

– Што се однесува до Македонците, Турците, Ромите, изборите ќе бидат фер. Се надевам изборите ќе бидат фер насекаде и дека ќе има набљудувачи на ОБСЕ и ОДИХР. Сметам дека никој не би се дрзнал да прави нешто спротивно на тоа. Во минатото имавме случаи на полнење на кутии во средини во поранешните општини Осломеј и Зајас – вели Деспотоски, напоменувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ сака фер избори во Кичево.

Извор: Плусинфо