Досега и отсега

Пријатели, најпрво да им заблагодарам на сите 16 222 граѓани кои излегоа да ја одбранат идејата зад која застанавме заедно. Мојата длабока почит за оние кои не штедеа ни сили, ни знаење, ни време за да работат на оваа кампања. Тоа беше идеја на единство, развој и соживот. Излеговме во голем број, незнам некој кој не излезе. Немаше поделби и тоа е најважното. Чисти сме пред себе и пред нашата совест.

Бевме поразени од луѓе кои наредниве 4 години ќе го посетат Кичево 1-2 пати или воопшто и нема да го посетат.

Не очекувам ништо добро од структура која собираше гласови со калашњикови и со идеи за големи држави. Никој не смее да се залажува за нешто повеќе од тоа. Како да се очекува нешто добро од луѓе кои нити еднаш во нивната кампања не се одважија да ги споменат Македонците. Кога се зборуваше за нас (колку да се зборне) бевме нарекувани „други” или индиректно со погрдни имиња кои го навредуваат нашето достоинство и постоење. Таквото однесување и речник му припаѓа на друго време, во светот одамна надминато. Кај нас уште не.

Сите кои ја поддржаа таа идеја треба уште од вчера да се свесни дека истата никому (нити ним самите) ништо добро не им носи.

Вечерта во неделата видов како се газеа македонските знамиња, јарболите беа кршени со даски, се уништуваше секое македонско обележје кое им се најде на патот, се извикуваа пароли против Македонците, против нашите имоти, слушав од какво се’ не оружје се пукаше, се направи варварски обид да се симне државното знаме и од јарболот кај железничката станица. Ќе пробаат пак. Сето ова не ми излегува од главата и ме прави силно огорчен.

Ја видов болката кај многумина со кои заедно останавме до доцна во неделата, надевајќи се до последен момент на нешто повеќе. И тоа силно ме порази. Ние никому ништо не сме му згрешиле, нити имавме намера да згрешиме. Тоа не е во нашите вени. Освен тоа што нашето постоење некој неможе да го прифати. Никој, ама баш никој да не се залажува и да не премолчи.

Кичевчани, ние зависиме самите од себе. Поминаа изборите, кои за нас беа повеќе од обични избори. Една света работа од сето ова е нашето обединување. Отсега нема и несмее да има поделби. Бидете што сакате и за кого сакате, но првично и најважно бидете Кичевчани за Кичево. Знам дека со сите сили и подлости ќе се обидат да го растурат нашето единство. Очекувајте го тоа. Смогнете ги сите сили и да се чуваме и пазиме едни со други. Ако сме сложни, никој неможе да ни одземе ништо. И тука во Кичево и во Струга (стружани борете се до последен момент, за вас има уште време). Нам цела Македонија ни се дивеше од нашето единство. Ние го направивме тоа, не го направи никој друг. Го направивме за себе и го направивме за долго време. Нашево е правилно, ќе се пишува по учебници и ќе служи за пример на другите.

Бидете убедени дека нашата мака во Кичево и Струга ја знаеме и разбираме само ние. Оттука и само ние можеме да си помогнеме и да ја решиме. Кој сака нека помогне однадвор, но не барајте да не разбере.

Кренете ја главата и погледнете ја реалноста таква каква што е. И не смееме да се помириме со таква реалност која никому не му носи ништо добро. Што требаше да направат нашите предци, што направи Полежина, Мирко Милески, Пиперката, Србакот, Куршумот, Лазор, Наќе, Дуко… и уште илјадници големи луѓе кои се родија тука, во Кичево! Не се помирија, се бореа и се изборија. Во нас тече нивната крв, ние сме нивните внуци. Тие можеа, ние можеме. Ние веќе еднаш покажавме дека сме достојни кога се обединивме и излеговме заедно. Секоја генерација со својата борба. Тоа е нашиот пат и како таков мора да го изодиме заедно заради генерациите кои доаѓаат. Којзнае по кој пат Македонија е оставена на нас и се брани тука.

Една загубена битка незначи изгубена војна. Нашата победа е во 2017 година. Кичевчани каде и да сте, помогнете не’ во ова тешко време за нас и не не оставајте.

Само еден Господ знае со колку тешко срце го пишувам ова. Бидете сложни. Бог нека е со нас и нека не држи во сите правилни дела кои ги правиме.

Exit mobile version