Фабриката „ДРА-ГО“ од Кичево посетена од министерот за земјоделие

Лани државата на вкупно 63 одгледувачи на костен им исплати 2,5 милиони денари поддршка. Годинашните субвенции за хектар јаткасти овошни култури, вклучувајќи и новоподигнати насади костен, изнесуваат 50.000 денари, а за постоечките површини под ореви, бадеми, лешници и костени се 15.000, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски при денешната посета на стопанскиот капацитет за преработка на костен „ДРА-ГО“ во Кичево.

Според него, Македонија  моментно располага со 139 хектари култивиран костен. Одгледувањето на оваа култура, која има низа позитивни карактеристики, носи и добра заработувачка.

– Ретко на која домашна трпеза не се нашол познатиот и признат по квалитет македонски костен. Неговото одгледување има многу позитивни страни, долговечен е, достигнува и над 500 години старост, има одлична родност, мал број природни непријатели (болести и штетници), а доколку се одгледува во поволни еколошки услови не мора да се третира со никакви заштитни средства, истакна министерот.

Оваа благородна овошка, додаде, освен на македонскиот пазар, се пласира и во странство. Компаниите кои ги откупуваат костените ги пласираат главно во Романија, Бугарија и Италија, каде што се користат пред се во кондиторската индустрија.

Преработувачкиот капацитет во Кичево, единствен од ваков тип на поширокиот простор на Балканот, е сопственост на . Тој, како што изјави, дел од преработките извезува, главно во Унгарија, а од другиот дел прави костеново брашно. Како суровина најмногу користи костени од Македонија кои ги откупува од четирите пункта, во реонот на Тетово-Гостивар, во Бродско, Дебарско и Кичевско.

-Капацитетот на објектот е 1.000 килограми на час. Годинава ќе преработиме околу 800 тони свеж костен. Моментно имаме 350 тони од кои направивме 60 – 70 тони готов производ. Првиот извоз е реализиран пред една недела, а наредниот е закажан за понеделник. Со костени се снабдуваме од домашно производство, но и увезуваме, засега само од Грција. Преговараме и со Албанија, а може ќе почнеме увоз и од Турција, рече Миладиноски.