Игор Џамбазов со „ЏИШ“ шоу се враќа на МТВ

Игор Џамбазов се враќа дома, во својата матична куќа, Македонската Радио Телевизија.

Шоуто ќе се вика ЏИШ (Џамбазов Игор шоу), а актерот и водител на шала вели дека тоа значи дека „Леси се враќа дома“.

Во интервју за минатонеделниот број на Република, Џамбазов ги открива деталите за шоуто.

– ЏИШ не е класично шоу со гости. ЏИШ всушност, не е ни шоу со гости. ЏИШ е телевизиско шоу слично на „Седуммина млади“, најгледаното ТВ шоу. Има малку од „Седуммина млади“, малку од „Бени Хил“, малку од „Мистер Бин“…Однапред смислени точки кои се монтираат со метрика, динамика, не траат многу, не го заморуваат гледачот и ќе бидат духовити. Ќе има музички точки, скечови, римејк на познати филмски сцени. Познати личности од Македонија ќе глумат со мене. Најважниот, односно најсериозниот дел од ЏИШ е антологијата на македонската поезија, вели Џамбазов.

За Република тој открива дека во шоуто ќе се појавуваат ликовите Александар Антички, Кирил Македонски и Дејан Европски.

ЏИШ ќе се спртивстави на турските серии. Иако го советувале неговото шоу да не се емитува во терминот со турски и индиски серии, Џамбазов одлучил да го направи токму тоа.

Иако порано имаше спор со МТВ, Џамбазов вели дека сега таму се е сменето.

-По триста перипетии, турбуленции и многу непријатни ситуации со претходните управи на МТВ, дојде еден млад тим луѓе за да и ја е*** мајката на МТВ во позитивна смисла. За да го исчистат тоа што со години се таложело, вели Џамбазов за Република.

Дообјаснува со зборовите: „МТВ секогаш треба да биде на број 1 на далечинскиот управувач. Тоа е национален сервис“.

Новото шоу на Игор Џамбазов ќе се емитува од почетокот на месец октомври, еднаш неделно на МТВ.

Извор: Курир