Предавања за зголемување на енергетската ефикасност и искористување на обновливите извори на енергија

Минатата недела во Кичево се одржа презентација на тема: Отворени предавања за енергетска ефикасност (ЕЕ) и обновливи извори на енергија (ОИЕ). Отворените предавања се дел од третата активност на Проектот „Зголемување на енергетска ефикасност и искористување на обновливи извори на енергија во прекуграничниот регион“.

Предавањата со воведно обраќање ги отворија Јасминка Димитрова Капац, проектен лидер на МАЦЕФ и Мирјана Лозановска, раководител на  Центарот за развој на Jугозападниот плански регион. Свое излагање имаа професорите од техничките факултети во земјава, проф. д-р Тодорка Самарџиоска, дипл. град. инженер на Градежниот  факултет, проф. д-р Славе Арменски, дипл. маш. инженер на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, и проф. д-р  Арсен Арсенов, дипл. ел. инженер на Електротехничкиот факултет – Скопје, сите со докажано долгогодишно искуство на полето на ЕЕ и ОИЕ.

Предавањата беа наменети за малите и средни претпријатија, a  учествуваа и претставници на Регионалната комора со седиште во Кичево со своите членки, како  и локални институции од Југозападниот плански регион на Република Македонија.

По завршувањето на презентацијата која беше од информативен карактер, се разви дискусија меѓу присутните и предавачите за секојдневните проблеми во врска со енергетската ефикасност и искористувањето на обновливите извори на енергија.

Целта на Проектот е да се утврди и да се зголеми користењето на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност во прекуграничниот регион, особено во Југозападниот плански регион на Република Македонија, како дел од ИПА-Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија. Водечки партнер на Проектот е Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ во партнерство со Центарот за развој на Југозападниот плански регион од Република Македонија, Албанија – ЕУ – Центар за енергетска ефикасност и Регионалниот совет на Корча од Република Албанија.