Фатен ограбувачот на манастирот „Св. Богородица Пречиста“

Полициската станица Кичево поднесе пријава против А.Д.(38) од градот Дибер, Република Албанија, поради основано сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“ во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во близина на Кичево. Него му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа и е спроведен во казнено-поправната установа во Тетово.

Пријавениот на 11-ти овој месец извршил тешка кражба во манастирот „Св. Богородица Пречиста“ во близина на Кичево од каде против-правно присвоил три сребрени крста кои датираат од 1800 година, еден манастирски печат и едно резбано сребрено кофчеже со мошти од „Св. Параскева“ – предмети што претставуваат културно наследство на Република Македонија.

Како што информира МВР, кражбата во манастирот е извршена околу два часот наутро откако претходно насилно и со погоден алат, А.Д. го скршил цилиндарот од металната врата и резето од помошната просторија. Потоа насилно ја отворил дрвената врата од јужната страна на манастирот и извршил пребарување низ црковните простории по што насилно ја отворил и вратата за влез во олтарот. Оттука ги одзел трите сребрени крста и резбаното сребрено кофчеже и помал износ на парични средства.

По извршувањето на тешката кражба, А.Д. околу три часот наутро е приведен во близина на селото Брждани, на регионалниот пат Кичево-Битола, каде се обидел да избега со своето патничко моторно возило марка „Голф“ со албански национални ознаки.

Против А.Д. полициската станица Дебар во текот на март 2010 година има поднесено посебен извештај дека заедно со уште едно лице, го сториле кривичното дело криумчарење на икони и други предмети од културно наследство.

Exit mobile version