Во Кичево се одржа форум со работодавачи за повеќе вработувања во бизнис-секторот

Форум на тема „Со подобри политики на поддршка до повеќе вработувања на бизнис – секторот“ се одржа вчера во Регионалната комора во Кичево.

Форумот го отвори претставникот на Министерството за труд и социјална политика Оливера Ставрова, која рече дека целта на форумот е презентирање на активните програми и мерки за вработување, на локалните примери од бизнис заедницата за учесниците во активните мерки, како и пополнување прашалник од страна на бизнисмените за да се видат нивните сугестии и да се зајакне социјалниот дијалог.

Претставникот на општина Кичево, Арбен Ристеми рече дека како општина се посветени и ги поддржуваат ваквите мерки за вработување потикнати од Владата.

Раководителот на Секторот за локален економски развој на Кичево Дарко Белсеки истакна дека општина Кичево има одвојено три милиони денари за подршка на бизнис секторот и изрази надеж дека ќе помагаат и во сферата на вработувањето.

Активните детални мерки пред присутните ги објасни претставникот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, кој е воедно и раководител на регионалната дирекција за вработување во Кичево, Трајче Којчески, кој рече дека имаат програма за самовработување, финансиска подршка за правните субјекти, субвенционирање на вработувањето на деца без родители и инвалиди. Додаде дека имаат и разни програми за обука на невработените за да се прилагодат кон пазарот на трудот.

На крајот на форумот локалните бизнисмени имаа можност да поставуваат прашања до претставниците на Министерството и Агенцијата за вработување.

Exit mobile version