Правила за фотографија кои треба да се знаат – Композиција [#6]

Композиција е прашање на односите во една уметничка творба. Композицијата значи распоредување на масите, линиите, формите, боите и другите елементи, чии меѓуодноси можат да бидат во повторување, хармонија и контраст, во симетрија и асиметрија, во разни ритми итн. Основната цел на секое компонирање е уметникот (фотографот) што поефикасно да ја изрази својата идеја, а тоа може да се изрази само со композиција во која се е на свое место и се е така поврзано да прави цврста јасна синтеза. Синтезата значи единство, а единството е она што ја чини творбата (фотографијата) да остава силен впечаток уште при првиот контакт со гледачот. Со оглед на тоа што првиот и најсилен впечаток го чинат ликовните елементи кои оставаат впечаток мигновно и директно врз чувствата кај гледачот, уметникот (фотографот) треба да настојува неговиот израз да тече повеќе низ нив одошто низ тематските содржини. Впрочем, тематските содржини гледачот ги чита по интелектуален пат отпосле и постепено.

Како што во човечкото тело костурот е структурата што ги носи мускулите и сите други делови на телото, во архитектурата гредите се конструкцијата што ја носи целата зграда, така во ликовната уметност и фотографијата композицијата е онаа структура што ги обединува во себе. Се што се става во фотографијата или платното е дел од композицијата. Една линија, форма, тон, боја или друг ликовен елемент може да се стави на многу места, но прашање е каде. Ова прашање го решава композицијата.

Процесот на создавањето почнува уште со првата идеја што се раѓа како помалку или повеќе јасна визија, и уште во таа фаза ги има своите основни ликовни и тематски односи. Се обележува, се разработува и се чисти од непотребното.

Реализацијата на идејата почнува со одредување на кадарот што сакаме да го фотографираме. Низ визирот на апаратот или неговиот дисплеј го одредуваме кадарот и се што сакаме да регистрираме односно се што содржи одредениот кадар во него. На дисплејот визуелно замислуваме две вертикални и две хоризонтални линии кои дисплејот го делат на девет еднакви полиња.

Елементите кои ке ги сместиме во самата композиција треба да добијат правилен распоред , за композицијата да има смисла. Ве теков на ова излагање за терминот композиција ќе спомнеме одредени типови на композиција кои во понатамошните текстови подетално ќе ги разгледаме поединечно.

Според една широко прифатена типизација имаме три вида на композиција:

1.      Отворена
2.      Полуотворена или фриз и
3.      Затворена композиција

Овие три вида композиции, според својата функција и според начинот по којшто се изведуваат, се делат на две големи и доста различни групи, кои, освен сопствената поделба (отворена, полуотворена и затворена), немаат повеќе ништо заедничко. Овие групи се нарекуваат: мрежеста и слободна композиција. Во понатамошните текстови ке ги разгледаме подетално типовите на композиција а сега малку да размислите следниве фотографии каква композиција имаат?

 

М-р Јован Наумоски

Фото Клуб Пиксел