Гасификација на Кичево најдоцна до 2023 година

По конечното расчистување на дилемите дали Македонија ќе биде приклучена на гасоводот „Јужен Тек“ („Јужен Поток“) стана јасно дека се отвораат нови поглавја на енергетски план за цела Македонија. Руски „Газпром експорт“ даде зелено светло за приклучок на земјава на евтиниот руски гас. Што значи тоа за нас? Пред се пониски сметки за затоплување на домот. Откако скапите цени на енергенсите и на електричната енергија стигнаа на највисокото можно ниво, најавите за конечно гасифицирање на Македонија дојде како олеснување кое треба да почнеме да го живееме за брзо време. Покрај ослободувањето на повеќе пари од домашниот буџет, за Македонија ќе значи и поевтино производство на електрична енергија, зголемување на производството на земјоделски култури и низа други поволности.

Постоен и планиран гасоводен систем низ Република Македонија

Гасификација на Република Македонија е проект кој ќе чини 300 милиони евра што долгорочно гледано е минорна сума споредено со поволностите кои ги добива земјава од евтиниот руски гас. Проектот делумно ќе биде финансиран и од рускиот клириншки долг кон Македонија.

И Кичево е ставено на мапата за гасификација на земјава. Можеби најголемата придобивка од тоа е можноста за гасификација на ТЕЦ Осломеј и продолжување на нејзиниот живот, а со тоа и работа за вработените од чии приходи живеат стотици семејства во Кичево. Користењето на природен гас ќе значи и помало загадување на воздухот и почвата во Кичево. Се отвора можноста за изградба на систем за затоплување на домаќинствата кој наизменично би ја користел топлата вода која се испушта со ладењето на турбината во електраната и изградба на капацитет за затоплување на гас кој би ја зајакнал топлификационата мрежа. Со тоа загадувањето би се свело на минимум, а би се заштедиле значителни средства како од семејниот буџет, така и од буџетите на кичевските компании.

Кичево, како и поголемиот дел од градовите во Македонија, е влезено во третата фаза за гасификација која е планирано да се одвива од 2015-2023 година кога костурот на гасоводната мрежа ќе биде завршен.