141 година од раѓањето на Гоце Делчев

Гоце Делчев е роден на четврти февруари 1872 година во Кукуш како трето од деветте деца на Никола и Султана Делчеви.  Овој датум е со големо значење за Македонија затоа што на овој ден е роден човекот кој е запаметен како една од најмаркантните фигури во македонското национално ослободително движење од неговото формирање како организација па се до предвечерието на илинденското востание во 1903 година.
Гоце Делчев и се приклучил на Тајната Македонска Револуционерна Организација во време на своето учителствување во Ново Село, штипско, каде што се запознава со Даме Груев, еден од основачите на организацијата.

Како еден од најангажираните агитатори и застапници на македонското ослободително дело, Делчев набргу станува еден од нејзините најистакнати и најавторитетни водачи кој со својот жар и убедливост ги успешно ги убедувал Македонците да се вклучат во нејзините редови. Останале запаметени неговите мисли: „И смртта не е страшна кога ги откупува животот и слободата на еден народ. Знаеме и свесни сме дека во жртвата не треба и неможе да има степенување зошто таа завршува кога е потребно и со име и со чест.“
За време на своите чести обиколки низ Македонија, Гоце Делчев постојано работел на создавање на организациона мрежа со здрави и цврсти бази, комитети и комитски чети на организацијата. Станал главен војвода и инспектор на оружените чети и член на задграничното претставништво на организацијата. Постојано работел на акции за собирање средства за набавка на оружје, а неговата максима била дека само доброорганизиран и вооружен народ може да се избори за својата слобода.

Неговиот живот трагично завршува со чин на предавство во борба со османлиската војска во селото Баница, серско, на четврти мај 1903 година. Сведок на неговото загинување бил и Димо Хаџи-Димов кој подоцна оставил сведоштва, меѓу кои и аманетот на Делчев, неговите коски да почиваат во престолнината на слободна Македонија. Овој чин и желба на Гоце Делчев беа реализирани со пренесувањето на неговите останки од Софија во Скопје во 1946 година.