Репортажа од Константинопол по повод годишнината од освојувањето во 1453 година

На денешен ден, 29 мај 1453 година, по двомесечна опсада од страна на Османлиските Турци и нивните сојузници, падна Константинопол (денес Истанбул), престолнина на Византиското царство (330-1453), а потоа и на Отоманското царство до 1922 година. Во народната традиција го знаеме како Цариград, градот на царевите. Неговите современици го нарекувале едноставно „Градот“.
Константинопол над 1000 години беше престолнина на Источното Римско царство, она што денес историјата го знае како Византија. За тој период, до самиот крај, претставувал културен, научен и едукативен центар на светот.

Во неколку наврати го имам посетено за да ги посетам знаменитостите кои сеуште потсетуваат на тие времиња.

Избран е од Константин Велики како втора престолнина на Римското царство. Константин го избрал малиот град Византион, го проширил и плански го изградил со широки булевари, палати, цркви, заштитни бедеми, пристаништа. Она што тој го почнал, царевите по него го продолжиле. За брзо станал најубавиот град во светот, прочуен по многу знаменитости и како таков останал многу векови. 

Славата и богатството ја донеле и зависта на светот. Често бил опсадуван од копно и од море, некогаш и со години, но неговите бедеми останале непробојни за разни непријатели. Неговите порти биле единствено отворени за победоносните паради на царевите од поход или за поразените царски војски кога се враќале од војна, по што неретко самиот град станувал сцена на насилие, се додека не се избере нов цар или не се задоволат нечии интереси. Некогаш просперитет, некогаш мачни времиња. 

Прв пат бил окупиран од крстоносците во 1204 година и цели 57 години бил пљачкан и неговото богатство било разнесувано низ западна Европа. Својата нецивилизираност крстоносците ја покажале што почнале да ги корнат дури и столбовите од црквите и да ги сквернават најсветите реликвии на христијанството. Толку богатство било украдено што после тоа западна Европа започнала од заостаната и нецивилизирана територија да добива белези на цивилизација. 

Градот повторно бил ослободен во 1261 година. Но никогаш не успеал повторно да го врати стариот сјај. Наместо град, повеќе потсетувал на збир од селца опсадени со засебни ѕидини, во рамките на Теодосиевите ѕидини. Така останал се до 29 мај 1453 година кога Османлиските Турци го освоиле, а во наредниот период почнал повторен просперитет. Но како главен град на друга држава и сега, веќе средиште на новата, муслиманска вера.

Од тие времиња, иако малку, сеуште сведочат некои објекти кои останале цели или делумно сочувани се доденешни дни. 

СВЕТА СОФИЈА

Света Софија, музеј, Истанбул © Љупчо Зорески / КичевоМк

Секако, прва асоцијација и за денешниот Истанбул е Света Софија. Пред неа имало 2 цркви кои настрадале во земјотрес и во востанието „Ника“ од 532 година. Изградена e во 537 година од царот Јустинијан. Ја проектирале Исидор од Милет и Антемиј од Трал. На неа работеле 10.000 работници, цели 5 години. И ден денес нејзината конструкција е предмет на проучувања и модели за цркви ширум светот. Своевремено била место на кое се употребиле градителски иновации чија ефикасност придонела да опстои се до денес, во трусно подрачје кое често е погодувано од силни земјотреси.

Била светско чудо за своето време. Позната е изреката на царот Јустинијан: „О, Соломоне, те надминав“, мислејќи на Соломоновиот храм во Ерусалим. Долго време имала највисока купола во светот од 73 метри.  Во неа биле крунисувани царевите и била полна со реликти од православието. Во вековите што следеле царевите ја надградувале нејзината убавина. Нејзините ѕидни мозаици и фрески откриени по симнувањето на малтерот, откриваат убавина која мами милиони посетители. 

Приказ на процесија на царот Јустинијан кога излегува од Света Софија. На сликата е прикажана црквата, плоштадот Августеон и столбот на кој е поставена неговата скулптура. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Ѕиден мозаин на вториот кат на Света Софија. Веројатно е најпознатиот. Направен е по порачка на династијата Палеолози (веројатно царот Михаил VIII), кратко по ослободувањето на Константинопол од крстоносната окупација во 1261 година. Верувале дека царството повторно ќе го доживее стариот сјај од минатите векови. За жал, тоа никогаш не се случило © Љупчо Зорески / КичевоМк
Света Богородица и бебето Исус, мозаик од олтарниот дел на Света Софија. Го нарачал Патријархот Свети Фотиј Велики. Со него бил означен крајот на ерата на Иконоборците. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Ѕиден мозаик во Света Софија на која се претставени Пресвета Богородица и бебето Исус со царот Јован  Комнен (Добриот) и царицата Ирина Унгарска. До нив е нивниот син Алексej кој починал млад. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Мозаик на еден од сводовите на долниот кат на Света Софија. Забележете ги кукастите крстови кои во тоа старо време имале сосем поинаква и благородна намена. © Љупчо Зорески / КичевоМк

Веднаш по падот на Константинопол во 1453 година била претворена во џамија и како таква функционира до 1932 година кога со указ на турскиот претседател Мустафа Кемал Ататурк била претворена во музеј. 

ХИПОДРОМОТ

Денес не постои како целина но сеуште постојат делови од ова огромно здание. Првиот хиподром бил изграден од римскиот император Септимиј Север во 203 година. Царот Константин Велики по 324 година го надградил во колосални димензии: неговата должина била 450 метри, а ширина од 130 метри. Можел да прими 100.000 посетители. Во него се одржувале коњички трки, свадби, културни настани, собири… Во 532 година бил средиште на востанието „Ника“ против царот Јустинијан и подоцна на масакр над востаниците од страна на царската војска предводена од генералот Велизар. Коњите кои го краселе влезот денес се наоѓаат над влезот на црквата Свети Марко во Венеција, како воен плен. Еден дел од градбата е зачуван во делот спрема морето. Останати се и 2 обелисци и серпентината од Делфи кои се наоѓале во неговото средиште.

Положбата на хиподромот наспроти Света Софија и Големата палата / Wikipedia, GFDL 1.2
Основата на Египетскиот обелиск. Претставен е царот Теодосиј Велики со семејството. Под него, како покорни се претставени претставници на покорените народи © Љупчо Зорески / КичевоМк
Египетскиот обелиск познат и како Теодосиевиот Обелиск. Висок е 32 метри, изработен од црвен гранит, подигнат од фараонот Тутмозес Трети помеѓу 1479–1425 пред нашата ера и поставен во храмот во Карнак, Египет. Првично бил повисок. Пренесен е во Константинопол во 390 година од нашата ера од страна на Теодосиј Први. За да го пренесат морале да го скратат. Поради цврстината на материјалот и денес е убав како и во времето кога е изработен. Во поново време, на 12 јануари 2016 година, на ова место се случи терористички напад во кој загинаа 13 луѓе © Љупчо Зорески / КичевоМк
Змискиот столб. Стар е околу 2500 години, а првично е принесен како дар на богот Аполон во храмот во Делфи (пролетта 478-та година пред нашата ера). Донесен е во 324-та година во Константинопол и поставен на централно место на Хиподромот од страна на царот Константин Велики. Делови од овој споменик (златниот постамент и 2 од трите глави) не се зачувани до денешно време. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Обелискот на Константин Седми Порфирогенит од Македонската династија. Првично бил обложен со бронзени плочи кои го краселе. Крстоносците при пљачкањето на Цариград ги извадиле плочите и од дел од нив исковале монети. © Љупчо Зорески / КичевоМк

СВЕТА ИРИНА

Црквата Света Ирина се наоѓа вад Света Софија, а денес е дел од комплексот палати Топкапи. Изградена е во 4 век врз некогашен пагански храм посветен на божицата Афродита. Страдала во востанието „Ника“ и повторно е обновена од царот Јустинијан во 548 година. Била седиште на Патријархот пред изградбата на Света Софија. Никогаш не била претворена во џамија. Османлиите ја користеле како оружарница. Денес е музеј во кој, поради својата исклучителна акустика, се одржуваат концерти. © Љупчо Зорески / КичевоМк

ЦИСТЕРНА НА БАЗИЛИКАТА

Влезната плоча на цистерната поставена на самиот влез. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Претставува подземен резервоар за вода изграден непосредно до Света Софија од страна на императорот Јустинијан. Осигурувала снабдување со вода за време на опсади или суши. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Широка е 70, а долга 140 метри и во овие димензии зафаќа површина од 9800 квадратни метри. Има 336 мермерни столбови наредени во 12 реда по 28 столба. Растојанието од столб до столб е 4 метри и 90 сантиметри. Столбовите се високи по 9 метри. По својот стил столбовите се Јонски и Коринтски. Ја опкружува ѕид од 4 метри дебел водонепропуслив малтер. Водата била носена од Белградската шума, оддалечена 19 километри од Истанбул. Градот Истанбул во 1987 година ја реставрирал и ја отворил за јавноста. Турците ја нарекуваат „Потопената палата“ (Yerebatan Sarayı).  Во водата живеат риби кои со време и генерации станале речиси слепи. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Медуза Горгона како постамент на столбовите. Градителите ги завртеле наопаку бидејќи верувале дека ако ги погледнат директно во лице ќе бидат скаменети © Љупчо Зорески / КичевоМк
Замисли си желба… Еден од столбовите на кој се претставени очи со солзи. Потекнува од триумфалната капија на Теодосиј подигната помеѓу 379 и 395 година. Преданието говори дека тоа се солзи за стотиците работници кои загинале за време на изградбата на цистерната © Љупчо Зорески / КичевоМк

ЦРКВА СВЕТИ СПАС (КАРИЈЕ ЏАМИЈА)

Постои и денес, Хора во почетокот на 4 век. Првично била надвор од градските ѕидини поради што ја добила додавката „Хода“-на село. Подоцна, со изградбата на Теодосиевите ѕидини влегува во рамките на градот.  Била обновена од Марија Дукаѓина  во периодот помеѓу 1077 и 1081 година кога генерално го добила денешниот надворешен изглед. Еден век подоцна страда во земјотрес, а повторно ја обновува Исак Комнин. Нејзината внатрешност е со преубави фрески и ѕидни мозаици, кои се дар од благородникот Теодор Метохит и датираат од периодот помеѓу 1315 и 1321 година. Мозаиците се најсофистициран пример за уметноста во Палеологовско време. Во оваа црква се чувала и најсветата икона на Византија со претстава на Света Богородица Ходигитрија, заштитничката на градот. Секогаш кога градот бил под опсада иконата се носела на ѕидините за да го одврати непријателот со нејзините свети својства. Иконата исчезнала по падот на Константинопол, а легендата вели дека самата Богомајка ја земала кај себе на небото. Османлиите ја преправиле црквата во џамија и ги исфарбале фреските. Од 1958 година е претворена во музеј откога и започнуваат активности за откривање на фреските и мозаиците. Во еден дел затекнав фреска на која се претставени Светите Кирил и Методиј © Љупчо Зорески / КичевоМк
Ѕиден мозаик, Свети Спас / Карије џамија, претстава на чудото кога Исус Христос водата ја претвора во вино.14 век © Љупчо Зорески / КичевоМк
Црквата изобилува со прекрасни фрески карактеристични за Палеологовскиот период од Византиското царство © Љупчо Зорески / КичевоМк
Композиција на една од куполите на црквата Свети Спас © Љупчо Зорески / КичевоМк
Светите браќа Св. Кирил и Методиј (крајно десно) насликани на фреска во црквата Свети Спас во Истанбул © Љупчо Зорески / КичевоМк
Богородица, Христос и Исак Комен (долу лево). Ѕиден мозаик © Љупчо Зорески / КичевоМк
Христос Спасител ги избавува мртвите од гробовите. Фреска која е карактеристична што Христос не ги држи за дланки туку буквално ги истргува во спас мртвите. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Ѕиден мозаик на една од куполите, Богородица и Христос © Љупчо Зорески / КичевоМк
Христос Спасител, една од куполите на црквата Свети Спас © Љупчо Зорески / КичевоМк

ТЕОДОСИЕВИТЕ ЅИДИНИ

Теодосиевите ѕидини претставуваат огромен одбрамбен систем на кули, ѕидови, шанец, мостови и капии кои го штителе низ вековите градот Константинопол. Биле пробиени прв и последен пат на 29 мај 1453 година кај Керкопорта во близина на “Палатата на Порфирогенит”, која денес е позната како Тефкур Сарај (Палатата на Суверенот).  Комплексот е изграден во 5 век од страна на царот Теодосиј по кого и го добиле името. Низ вековите биле доградувани и изменувани. Иако оштетени во одредени делови постојат и денес кога етапно се обновуваат. Последиците од тешките топовски напади од 1453 се видливи на поедини делови и денес, особено во регионот на Мезотеихион каде нападите биле најчести и најсилни.  Комплексот се состои од 3 реда со бедеми. Некогаш постоел и голем шанец со вода, кој наместа е видлив и денес. Во време на големата епидемија на Бибонска Чума од 541–542 година во која дневно умирале по 10.000 луѓе во Константинопол, преку овие ѕидини се фрлале мртвите поради неможност да бидат погребани. „Градот мирисал на смрт“ пишуваат тогашните автори.  © Љупчо Зорески / КичевоМк
Низ оваа порта во 1453 година во освоениот Константинопол за првпат влегол Султанот Мехмед Втори Освојувачот.  © Љупчо Зорески / КичевоМк
На овие ѕидини се растуриле неброени освојувачки војски: Авари, Бугари, Персијци, Руси, Арапи, Турци… © Љупчо Зорески / КичевоМк
Внатрешната страна на бедемите © Љупчо Зорески / КичевоМк
Регионот на Мезотеихион каде бедемите биле гаѓани со топови © Љупчо Зорески / КичевоМк
Историјата на Константинопол и Византија претставени во една порта и неколку нејзини преправки. Најпрво била изградена величенствена, голема порта низ која минувале победоносни војски. При еден катастрофален земјотрес портата била заглавена, па преградена за помала порта. Крајната преправка била толку мала порта низ која може само човек, а не коњаник, да влезе. © Љупчо Зорески / КичевоМк
Теодосиевите ѕидини,  нем сведок на подемот и падот на Византија © Љупчо Зорески / КичевоМк

За крај, уживајте во прекрасната песна на Мизар за Константинопол