70 години од убиството на Кочо Рацин на Лопушник, Кичевско

На денешен ден, во 1943 година, на пат кон партизанската база на планината Лопушник, близу Кичево, беше убиен Коста Апостолов Солев – Рацин, македонски поет и револуционер, еден од основоположниците на современата македонска литература.

Кочо Рацин е роден во 1908 година, во Велес. Уште во детството ја запознава сиромаштијата. Неговиот татко, грнчарот Апостол, не можел да му пружи којзнае какво школско образование, бидејќи грнчарскиот занает и состојбата на семејството барале многу напори и време за малечка заработувачка. Кочо можел да добие одвај еден клас нижа гимназија и веќе на својата тринаесетта година бил присилен да му се посвети сосема на татковиот занает.

Рацин припаѓа на генерацијата македонска интелигенција созреана помеѓу двете светски војни, онаа која застана во одбрана на националните и социјалните права на Македонците за време на втората светска војна. Бил член на Комунистичката партија од која бил исклучен бидејќи несакал да  напише статија против Мирослав Крлежа и неговите соработници од списанието „Печат“. Поради неговата дејност затворен е од властите на Кралството Југославија. Во заточеништво го дочекува нападот на фашистичка Германија кога е мобилизиран.

Во 1942 година повторно е примен во редовите на Комунистичката партија. Во септември 1942 година Рацин е уапсен во Скопје од страна на бугарската полиција и во ноември е интерниран во селото Корница, Неврокопско. Сепак, многу брзо, во април 1943 година на Рацин му успева да побегне и да се врати во Скопје.

На 5 мај 1943 година Рацин тргнува од Скопје во партизани, со група од 8-мина, меѓу кои е и Добривое Радосавлевиќ – Орце. По пристигнувањето во одредот „Кораб” станува уредник на партизанскиот весник „Илинденски пат” и подготвува две збирки на македонски народно-ослободителни песни.  Но, набрзо, Рацин загинува.

Вечерта на 13 јуни, додека се враќал во партизанската печатница на планината Лопушник, Кичевско, смртоносно бил застрелан од Мино Миновски, партизанот кој го чувал пристапот кон печатницата. Според податоците кои ги наведува Перо Коробар, при тоа Рацин бил на триесеттина метри подолу од него, а партизанската база се наоѓала на 300-400 метри од печатницата.

Местото каде е убиен Кочо Рацин на планината Лопушник, кичевско

Кочо Рацин е намерно убиен поради неговата про-македонска линија која отстапувала од плановите на Комунистичката партија на Југославија. Според некои наводи, Страхил Гигов политички го изолирал Рацин и го организирал неговото убиство, а сомнежи дека се работи за наместен случај фрла и податокот дека Рацин, пред заминувањето во партизани и на патот до партизанскиот одред, веројатно влегол во судир со Добривое Радосавлевиќ, како и податокот според кој на Рацин му бил одземен пиштолот додека бил во партизанскиот одред.

Гробот на Кочо Рацин на Лопушник

Ископајте длабок бунар

извадете ладна вода

натопете лути рани

да не горат, да не болат.

Зоро златно и румено!

Зоро слатка посестримо!

Ти изгреваш на далеку –

дали еднаш ќе изгрееш силно,

силно, дури милно

над долови и над гори

над полиња и над реки

над мојата татковина?

Exit mobile version