Денес е Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица

Денес се прославува еден од најголемите христијански празници Успение или Воскресение на Пресвета Богородица, меѓу народот позната како Голема Богородица. Традиционално како и секоја година верниците го прославуваат празникот Голема Богородица. Симболиката на овој големиот празник е да не се плашиме од смртта, бидејќи таа е само премин од еден живот во друг.

Народот верува дека Богородица е заштитничка на леунките и на жените им помага при породувањето. Исто така и жените кои немаат деца веруваат дека со милоста на Света Богородица ќе добијат рожба поради што ги посетуваат нејзините цркви, изведуваат некои обичаи, се молат и принесуваат дарови.

Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус и порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка.

И по одењето во домот на Свети Јован, Марија многу често го посетувала гробот Исусов и го молела Бога побргу да ја земе кај нејзиниот син. Набргу Господ и пратил вест дека е скоро часот кога ќе умре. Истиот оној ангел Гаврил што и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот сега и кажал дека наскоро ќе се пресели кај својот син. Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на Свети Јован и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои од прогоните на Ирод, но и за да го шират учењето на Исус, биле растурени по светот.

Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале со исклучок на Тома кој бил многу далеку и не можел да дојде. По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската Градина каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот Јосиф. За време на погребот Св. Јован ја носел рајската гранка пред одарот а апостолите го носеле телото на Богородица и над нив се слушало пеењето на ангелите. Светол облак ја обвиткувал поворката и противниците не можеле да да ја растурат иако постојано ја следеле и се обидувале тоа да го направат.

Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската Градина и врз отворот бил ставен голем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пеењето на ангелите.

Третиот ден по погребот пристигнал апостолот Тома кој сакал да го отворат гробот за да се поклони пред телото на Богородица. Апостолите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот на на општо изненадување телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел пријатен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото.

Празникот Успение на Пресвета Богородица меѓу народот е познат како Голема Богородица. За подостоинствено одбележување на овој празник му претходи двонеделен пост.

Exit mobile version