Хоризонт Турново голема инспирација за кичевскиот прволигаш

По неделниот пораз од екипата на Металург, составот на Напредок во ова првенствено коло го очекува уште еден исклучително тежок  и важен натпревар, кога сино-белите под Илиница го очекуваат довчерашниот лидер на табелата екипата на Турново.

Во ова првенствено коло во составот на Напредок се враќаат суспендираните Цветаноски и Џалески а на располагање ќе биде и Димоски. На претходниот меѓусебен дуел на овие екипи, не видовме голови иако Напредок во поголемиот дел од натпреварот беше подобра екипа, а преку Клечкароски во 26 минута го погоди дирекот од голот на Димоски. Кај Напредок сеуште го чекаат првиот првенствен погодок на домашен терен во оваа полусезона, и можеби мечот со турновци е шанса да биде скршен и овој малер.

-Иако екипата на Турново е далеку подобро пласирана од нас, сепак ние ќе се потрудиме во претпоследниот домашен натпревар оваа пролет, да ја оствариме и првата победа пред своите гледачи, и да покажеме дека сепак и нашиот играчки квалитет не заостанува зад гостинот од југот на Македонија. Ако успееме први да постигнеме гол, тогаш повеќе од сигурно овој натпревар ќе го решиме во наша корист-рече Ристе Маркоски, креаторот на играта на сино-белите.

Зоран Антоски

Exit mobile version