ХРИСТОС ВОСКРЕСНА! ЗА МНОГУ ГОДИНИ ВЕЛИГДЕН!

Велигден е главен Христијански празник, прв и најстар од сите христијански празници, основа на христијанската црковна година. Велигден го слави Христовото воскресение кое е основа на Христијанската вера, затоа што, како што вели Светиот Апостол Павле: „Ако Христос не воскреснал тогаш, празна е нашата проповед, празна е и нашата вера“.

За време на своите проповеди помеѓу народот, противниците на Исус постојано барале погоден момент да го фатат и да го казнат. Еден од апостолите по име Јуда го предал Исус за 30 сребреници по што Исус бил фатен и осуден со најстрашна смрт со распнување, како што им правеле на најголемите злосторници.

Исус умрел во петок, што кај народот се почитува како Велики Петок. Уште истиот ден учениците го симнале неговото тело од крстот и го погребале во еден гроб-пештера на чиј отвор ставиле голем камен. Два дена подоцна, во недела, неколку жени се упатиле кон гробот, за, според тогашните обичаи, да го намачкаат телото со миризливо масло – миро. Кога пристигнале кај гробот виделе дека тешкиот камен е поместен. На каменот седел ангел со бела облека и им рекол: „Не бојте се, знам дека го барате Исуса распнатиот, но тој не е овде, Воскресна“!

Денот на Воскресението се одбележува како најголем, најрадосен и најсветол празник – Велигден. Затоа на Велигден се пее: „Христос Воскресна од мртвите, со смртта – смртта ја победи и оние што се во гробовите – живот им подари“.

За Велигден се вапцуваат црвени јајца кои Христијаните меѓусебно си ги подаруваат честитајќи си го празникот. Црвената боја е симбол на радоста, а јајцето симбол на животот. Како што од јајцето се раѓа живот, така Исус воскресна од гробот. На Велигден Христијаните се поздравуваат со зборовите: „Христос Воскресе – Навистина Воскресе“