Хроничен проблем со водоснабдувањето во Кичево и кичевско

Ако еднаш имаше вода и за пиење и за вадење на бавчите, во последниве години Кичево се соочува со проблем во водоснабдувањето кој е веќе хроничен. При првите повисоки температури, повисоките зони на градот и дел од селата на повисоките места, кои се приклучени на водоводот од Студенчица имаат намален притисок или воопшто немаат вода. 

За проблемот да биде посериозен, водата во овие делови, во периодите кога има, најчесто е бактериолошки неисправна и несмее да се пие. Не е ништо подобра и ситуацијата во делови од самото градско подрачје каде во поедини периоди водата е матна, со лош мирис и заматена.

За проблемот се запознати и надлежните, но се чини пресуден фактор за настанатата ситуација е човечката несовесност. Имено и покрај намалената издашност на изворот Студенчица што доведе и до делумно пресушување на нејзиното корито, луѓето и понатаму без мерка ја користат чистата вода за пиење за наводнување на бавчи, перење и поливање на дворови. Притоа воопшто не се води сметка за луѓето кои остануваат без вода. 

Сувото корито на реката Студенчица од минатото лето, аларм за менување на нашата свест за употреба на чистата вода за пиење © Зоран Антоски / Нова Македонија

Иако се очекува да се поведе мерка, досега не е преземено никакво дејство кој овие поединци. 

НАВОДНУВААТ ЦЕЛИ НИВИ, А НЕ ПЛАЌААТ НИШТО

Дополнително, водата за пиење, која сеуште не се наплаќа во селата кои од пред неколку години се приклучени на централниот водовод, се користи за наводнување и на цели ниви и тече без мерка. Тоа создава намален притисок или целосно исчезнување на питка вода за пиење на резервоарите во овие села. Така, луѓето по цело лето се принудени да се снаоѓаат на различни начини со вода за пиење од извори и бунари и која најчесто е бактериолошки неисправна. Поради ова, неретки се случаите на потешки цревни заболувања на населението од овие региони.

Проблемот се јавува рано и оваа година откако во неколку села во осломејшкиот регион водата е забранета за пиење, а во селата во вранештичко и рабетинско и воопшто ја нема. 

 
Додека не се стави ред во водоснабдувањето, ваквиот проблем и целата низа проблеми и тешкотии кои произлегуваат од него на луѓето кои не добиваат чиста вода за пиење (а дел од нив и ја плаќаат, а ја немаат) ќе постои. Дополнително, општината ќе губи парични средства од неможноста да воспостави стабилно и квалитетно водоснабдување кое подоцна ќе може да го наплаќа и со тоа да го подобри сопственото работење и квалитет на услугите.