И кичевчанец уапсен со „Кумановската група“

Десетчлена криминална група е осомничена дека „оперирала“ со лажни платежни картички, купувајќи брендирана облека и парфеми, мобилни телефони, цигари, бензин и техника.

Во рамки на акцијата „Сити“ полицијата уапсила 8 лица, додека по двајца се уште се трага.

Криминалната група позната како кумановска, ја организирале 23-годишен кумановец и двајца скопјани на возраст од 21 и 22 години. Во истата членувале петмина кумановци и по едно лице од Штип и Кичево.

„Акцијата“ ја започнале во декември минатата година, кога организаторите преку интернет прибавувале банкарски податоци на домашни и странски клиенти.

За наведениот период направиле 87 нелегални трансакции на 22 продажни места, најчесто бензински пумпи, од каде купувале бензин и цигари.

Брендираните парфеми и облека дел ги задржувале за себе, а дел ги продавале по пониска цена.

Од досега утврденото, криминалците заработиле 241.292 денари, додека од дополнително утврдени нелегални трансакции кои банките и оштетените се уште не ги пријавиле, откриени се уште 400.000 денари.

При претресите, пронајдена е дел од стоката која ја купувале, специјален уред за снимање, како и 62 изработени лажни платежни картички.

Exit mobile version