И Кичево има езеро

 

Регионот околу термоелектраната Осломеј е интересно место. За потребите на електраната земјиштето го променило својот изглед, а поради (не)достапноста на теренот, мал број на луѓе воопшто имаат претстава како изгледа овој предел.

Погледни ја локацијата на Google Maps, тука.

Повеќето од нас имаат слушнато за големите копови од кои се вади јагленот. Дел од тие копови се напуштени. Интересно е што во еден од коповите низ времето се формирало малечко езерце (ги има повеќе но ова е најголемо). Го викаат Осломејшко езеро. Од Кичево е оддалечено нешто повеќе од 5 километри. Неговата длабочина не ја знаеме, веројатно до 10 метри. Долго е 630 метри, а широко 400 метри. Од северната страна има мал „остров“ со димензии 130 х 30 метри. Неговата површина моментално е 1,66  km². Во архивата на Google Earth има 3 дати: 2003, 2008 и 2009 година. Неговото ниво полека расте.

Иако навидум неугледно, ваквите места можат да послужат за релаксација во блиска иднина. Со уредување на околината, негово порибување, лесно може да послужи како прибежиште од секојдневните гужви. Неговиот брег кој моментално е долг 2,3 километри може да се преуреди, а во околината да се направи малечка викенд населба.

Секако, за сето ова може да се размислува во оној миг кога околината ќе престане да се користи за потребите на термоелектраната, а природата полека ќе почне да си го враќа своето. Зошто да не би го искористиле и ова и сличните вакви места? За наш менталитет отпрво може да звучи чудно, но од ваквите случаи во западните земји си прават одлични места за полнење на батериите.

Фотографија од езерцето
Exit mobile version