Исклучена струјата и во струшките училишта

Повеќе основни училишта во Струга и струшките села вчера се исклучени од електричната мрежа поради неисплатените долгови за потрошена струја.

Како што информира раководителот на одделението за образование во Општина Струга Сурија Рушити, од системот за напојување се исклучени основните училишта „Јосип броз Тито“ и „Браќа Миладиновци“ во Струга, и нивните подрачни паралелки во населените места,  како и училиштата во селата Лабуништа, Ливадишта и Радолишта.

– На овие училишта им се блокирани жиро-сметките поради што не се во можност да ја платат потрошената електрична енергија. Ние како општина, направивме напори да разговараме со претставниците на ЕВН-Македонија за плаќање на една рата, а потоа да се направи спецификација на долговите и од јануари општината да започне да ги сервисира на рати, но не добивме позитивен одговор, ни изјави Рушити.

Како што додаде тој, се вложуваат напори овој проблем да се реши во најкус можен рок и учениците да можат нормално да ја следат наставата.

Тони Савески, в.д. директор на најголемото училиште во Струга „Јосип Броз Тито“ каде учат над 800 ученици, потврди дека електричната енергија во училиштето била исклучена денеска околу пладне во централното училиште и во неговите подрачни паралелки во Радожда, Мислешево и Враништа.

– Исклучувањето на струјата е резултат на недомаќинското работење во текот на изминатите години и тоа ни создаде голем  проблем. Освен во наставата, проблемот се рефлекрира и во работењето на нашите стручни служби. Книговодителот кој требаше денеска да ги заврши обврските кон министерството за образование и наука, поради тоа што беше исклучена струјата, мораше да го земе компјутерот дома за да ја заврши својата работа за која има рок до утре во 11 часот, вели Савески.

Во училиштата кои се исклучени од системот на ЕВН, наставата од утре ќе се одвива со скратени часови кои ќе траат по десеттина минути, а бидејќи училниците се затоплуваат на нафта, ќе немаат ниту греење затоа што пумпите од парното работат на електрична енергија.