Исполџија (49)

IMG_0307

Солидарноста, помагањето помеѓу луѓето во годините пред, значело поделен труд, олеснување, лечење на стресот и нервозите од секојдневниoт живот ……

Нема куќа во поширокото семејство кај Дерилебовци од Крушево која не е направена ударнички и на јуриш од сите работоспособни членови, се до вселување во истата. Впрочем, филмот „Сведок“ со Харисон Форд и Кели Мек Гилис за животот на Амишите во Америка, комотно можел да се сними во било кој крај па и кај нас за солидарноста, помошта, несебичноста помеѓу луѓето во нашите краишта.
Така било, сега е вулгарен материјализам како „придобивка“ од новово време !!!

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

Село, есен, собрана летнината и бериќетот, останува уште нешто месо да се стави в каче и нека повели зимата. Една група, сурија од луѓе, другари со различни познавања, занаети, професии тргнати од куќа до куќа на припомош кај домаќинот во колењето на телето, прасето …….

Пожелно, еден до двајца со касапски познавања за да се суреди заколеното, друг, трет со кулинарски рецепти, демек ќе кажат некој специјалитет од месото од друга кујна ѓоа непознат за домаќинката, третиот, четвртиот убаво се надоврзуваат, го китат муабетот, петиот, шестиот одлични познавачи на шмекот од ракијата, седмиот, осмиот со детално географско знаење – каде ќе оди месото, дали во Скопје , Кичево …….кај синот или зетот, ама сите заедно со веселба, смеење, наддавање, сатира при пиењето на ракијата, мезењето и пржењето на месото од закланото.

Уште при пристапот до заколеното живинче, ќе чуеш двосмислено прашање: – „Ова со глава да го завртиме кон Скопје“ ??! / Да, да ќе одговори домаќинот издавајќи се дека половината е за синот, зетот или друг среќник кој не вложил ама баш ништо во турнусот, освен трошок за доаѓање со кола и превземање на траншираното месо.
Е на такви како претходно опишаните, кој не вложиле ниту 1 денар, а земаат се на половина, народот, групата им го дале вистинско име: ИСПОЛЏИЈА ………

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако