Иванов: Влез во НАТО и без решение на спорот со Грција

Прашањето поради кое сме надвор од НАТО е билатерално и во минатото многу земји и без решавање на билатерални прашања успеале да влезат во Алијансата и во ЕУ, па тоа ни дава и нам надеж дека е можно такво решение. Токму Грција, пред да стане членка на НАТO не ги решила своите отворени прашања со соседите, па сепак станала дел од евро-атлантското семејство.

Ова  е пораката која претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска му ја пренесе на генералниот секретар на Северноатлантската алијанса, Андерс Фог Расмусен, на нивната средба во седиштето на НАТО во Брисел.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, првиот човек на македонската држава посочил дека ако постои волја, постои и начин да се изведе сето тоа. – Ние бараме од полтичките елити, не од граѓаните на Грција, да имаат желба да најдеме решение. Кај нас постои и ние сме подоготвени. Не ни треба да чекаме Самит на НАТО за да добиеме покана за членство, истакнал Иванов.

Според информациите од средбата Иванов-Расмусен, македонскиот претседателот побарал поддршка и совет како да се најде излез од статус-кво состојбата, особено по се појасната игнорантска политика на Грција, која одбива иницијативи и средби. Тој отворено побарал совет како Рамсусен би се однесувал во ваква ситуација, бидејќи е невозможно да се најде решение ако нема дијалог.

Иванов побарал помош од својот соговорник за негов ангажман за постигнување на консензус за покана за Македонија за членство во Алијансата, а како аргумент го навел ставот: „како да постигнеме договор сами со Грција, кога цела Европа не може да се договори со неа”.

– Ние не бараме ништо повеќе од тоа што го бараат европските земји од Грција, а тоа е да си ги почитува меѓународно превземените обврски, му рекол македонскиот претседател на Расмусен, при што добил уверување од него дека ќе разговара со грчките власти да направат чекор напред.

Расмусен се согласил со ставот на претседателот дека секое решение мора да ги почитува и гарантира идентитетските и јазичните одредници, да се почитуваат човековите права, правото на самоидентификација и достоинство.

На средбата било отворено и прашањето за пресудата на Меѓународниот суд на правдата, при што Иванов искажал разочараност од изјавите и односот на Расмусен во однос на ефектите од пресудата. Тој нагласил дека пресудата се однесува за однесување на една членка на Алијансата, на Самит на НАТО, а не во рамките на невладина организација. На средбата станало збор и за можностите како да се деблокира процесот во рамки на НАТО, биле разгледани повеќе можни сценарија.

По завршувањето на нивната 45-минутна средба, Иванов и Расмусен излегоа со официјални изјави, при што генералниот секретар на Алијансата му се заблагодари на шефот на македонската држава за големиот придонес во НАТО-операциите и она што го прават нашите трупи во Авганистан.

– Ние ја цениме вашата поддршка и во однос на комуникацијата со мисијата на КФОР на Косово. Ја поздравуваме вашата посветеност во процесот за пристапување во НАТО и силната политичка и народна поддршка за членство во НАТО во вашата земја. Но, морам да кажам дека на Самитот на НАТО во Чикаго, кој се одржа во мај оваа година, ние бевме на чисто со тоа што ја потврдивме нашата отворена покана до вашата земја за членство во НАТО. Ние остануваме посветени на интеграција на целиот регион на Западен Балкан. Политиката на отворена врата и проширување на ЕУ и НАТО го трансформира вашиот регион, изјави Расмусен, посочувајќи дека сите земји кои досега се приклучиле на Северната алијанса, како и оние кои се во пристапен процес, придонеле за реформи и пат кон подобрување, но и за подобри односи со соседите, владеењето на правото и транспарентноста.

– Ја поздравувам вашата определба за продолжување на реформите и силно се надевам дека заедничко прифатливо решение за името ќе се најде што е можно побрзо во рамки на Обединетите нации. Тоа и го повторивме во Чикаго, дека поканата ќе ви биде дадена кога ќе се најде заедничко прифатливо решение. Иднината на земјите од Западен Балкан е интеграција во евроатлантското семејство, посочи генералниот секретар на НАТО.

Претседателот Иванов, пак, истакна дека имале многу констурктивен и пријателски разговор со генералниот секретар Расмусен, при што разговарале за сите аспекти на прашањето што е поставено пред нив.

– НАТО знае дека Македонија е искрен и лојален партнер, дека ги исполнува сите критериуми и очекува заслужена покана за членство во Алијансата. Но, и покрај тоа што нашите очекувања не се исполнија на Самитот во Чикаго, ние не сме обесхрабрени. Продолжуваме со нашата обврска кон НАТО, исполнувајќи ги сите критериуми и стандарди, при што нашата армија е во целосна компатибилнсот со стандардите на Алијансата, дециден беше Иванов.

Според претседателот на Република Македонија, очекувањата на Самитот во Чикаго биле засновани на пресуда на Меѓународниот суд на правдата (МСП), но уште пред одржувањето на Самитот било јасно дека нема да добиеме покана за членство, па затоа не охрабрил заклучокот дека Чикаго е последен Самит на НАТО без проширување. Според Иванов, тоа дава надеж дека не е прашање дали Македонија ќе стане членка на НАТО, туку кога.

– Ме охрабри и денешниот разговор со Расмусен, кој посочи дека треба да се направат напори за да се дојде до решение за проблемот што го имаме со нашиот сосед. Статус-кво состојбата во нашиот регион е неодржлива. Во конструктивниот разговор со генералниот секретар баравме начин како да се тргне блокадата на Македонија за пристап кон НАТО. Сега, спортски кажано, топката е кај нашиот јужен сосед, кој треба да си ги почитува преземените обврски и да покаже конструктивност во целиот процес, додаде македонскиот претседател, најавувајќи го своето очекување дека и другите членки на НАТО ќе побараат од нивниот партнер да се однесува одговорно кон преземените обврски, кои ако ги почитува, може и да се најде решение за проблемот.

Тој упати апел до членките на НАТО да бидат конструктивни за да се дојде до тој долгоочекуван консензус, кој е неопходен за членство на Македонија во Алијансата.

– Ние сме убедени и сигурни дека НАТО е способен да носи исправни одлуки во многу тешки времиња. Сега е момент да го сторат истото и за Макеоднија, која не заслужува до недоглед да стои пред вратите на Алијансата, посочи Иванов, кој притоа упати покана „до пријателите од Атина” да седнат и да разговараат за заеднички да се дојде до решение на проблемот.

– Замислете, 21 година нема средба меѓу македонски и грчки претседател! Јас четири пати го поканувам претседателот на Грција, но тој четири пати ме одбива. Затоа упатувам апел до Грција да почне да постапува одговорно кон нас и да најдеме решение кое е во интерес и на самата Грција, но и на регионот. Ние ги исполнуваме сите критериуми за членство и време е и тоа да го добиеме, а на Балканот да почне да се шири зона на мир и да се надминат долгите периоди на триуми и конфликти. Време е целиот Балкан да живее во мир, порача Иванов.

На прашањето на дописникот на МИА од Брисел упатено до генералниот секретар на НАТО, во врска со тоа дали тој очекува Грција да почне да ги исполнува меѓународно преземените обврски и да ја почитува пресудата на Меѓународнито суд на правдата од Хаг, што значи да престане да ја блокира Македонија во нејзините евроатлантски интеграции, Расмусен со одговор: – „Тука има три клучни точки. Јас имам силна желба да ги видам сите земји од Западен Балкан во евроатлатнските структури, во Европската унија и НАТО и сакам да видам прогрес во тој поглед. Навистина имам силна желба да ја видам вашата земја како членка на НАТО, со оглед на тоа што вие ги исполнивте сите потребни критериуми. Но, втора точка е прашањето за името. Сите знаеме дека е многу важно Скопје и Атина да најдат решение во рамки на ОН и ургирам сите лидери да направат екстра напори за наоѓање на прагматично решение. Трето, сето ова зависи од Скопје и Атина во рамки преговорите кои се водат под капата на Обединетите нации. Ние донесовме одлука на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, а тоа е дека сме подготвени да и дадеме покана за почеток на пристапни преговори на вашата земја, веднаш кога ќе биде донесено заедничко прифатливо решение за прашањето за името. Ние сме подготвени тоа да го исполниме. Процесот се одвива меѓу Скопје и Атина и одлуката на НАТО во Букурешт беше поддржана од сите членки на Алијансата. Сите одлуки во НАТО се носат со консензус и ни треба согласност од сите членки за почеток на преговори за членство“, истакна Расмусен.

Претседателот Ѓорге Иванов по разговорите со Расмусен замина на средба со еврокомесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе во Европската комисија, а попладнево треба да се сретне и со претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц.

Exit mobile version