Иванов: Мојот став е – Република Македонија erga omnes

Мојот став за името е Република Македонија erga omnes (за севкупна употреба), порача Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и посочи дека земјата е конструктивна и прави се за изнаоѓање решение за наметнатиот спор.

– Јас ги кажав и сите ги знаат моите ставови, така што ќе опстојувам на тоа и понатаму, а тоа е Република Македонија ерга омнес. Сум дал заклетва пред тој Устав. Ние разговараме за нешто што некој ни го оставил во наследство и бараме решение. Не сакаме да сме ние виновни, кога еден ден некој ќе повлече линија и ќе каже вие сте виновни за тоа. Ние секој пат сме конструктивни и Нимиц го знае тоа. Сме наоѓале начини за да ги оствариме стратешките интереси на граѓаните на Република Македонија. Се додека се тие стратешки интереси, ќе правиме се да најдеме решение. Меѓутоа, гледате со што се соочуваме. Ни треба поддршка од граѓаните. Треба граѓаните да го искажат својот став. Ако имаме гласна јавност која јасно ги кажува своите ставови, ќе имаме сила во нашите едра бродот уште повеќе да оди, изјави претседателот Иванов при гостувањето во „Миленко Неделковски шоу“ на Телевизија Канал 5.

Тој објасни дека во извршувањето на својата функција секогаш се водел од принципот на отвореност кон сите, што резултирало со бројни средби со лидерите на соседните земји, но и дека сеуште нема позитивен одговор на неколкуте негови иницијативи за средба со грчкиот претседател Каролос Папуљас.

– Мала земја мора да е отворена и нашата моќ е во отвореноста. Знаете, во дипломатијата едно старо правило вели: срдечно со секого, искрено со никого. Не, ние се обидовме да бидеме искрени, не само срдечни. Со поранешниот бугарски претседател Прванов имавме извонредна соработка, доаѓаше во Македонија, одев јас кај него. Со претседателот Тадиќ, исто имавме отворена и конструктивна соработка. Со претседателот Николиќ, ја продолжуваме соработката. Со сите претседатели на Косово имавме извонредна соработка, со поранешниот претседател на Албанија, господинот Топи, имавме извонредна соработка. На лична основа комунициравме, на телефон знаевме да се слушнеме. И со новиот претседател Нишани, првата средба ја имавме во Охрид. Меѓутоа, замислете, две децении нема средба меѓу македонски и грчки претседател, рече Иванов.

Шефот на државата потсети на бројните покани, официјални и неофицијални кои тој ги упати до неговиот грчки колега, на кои нема потврден одговор.

– Колку пати, веќе не ги бројам, моите  покани. Само да пиеме кафе, ништо друго. Да им покажеме на луѓето дека сме соседи, дека не мора да се расправаме, туку дека можеме да седнеме, како што седнаа сега Николиќ и Јахјага во Братислава. Секој пат одговорот е не. Е сега, како што се менуваа политичарите, знаете, се менува и односот. Се е до карактерот на човекот, или ние велиме до табиетот. Има некои што се обидуваат да профитираат од нивниот однос на домашен терен, меѓутоа некои и губат избори затоа што кон нас така се однесуваат. Тоа е Балканот, рече претседателот Иванов.

Во контекст на односите со соседите, претседателот Иванов посочи дека Македонија е страната што иницира разни форми на соработка, кои неретко се игнорираат од другата страна.

– На сите европски преставници со кои сме разговарале, на сите им велам дека добрососедските односи се двосмерна улица. Не може сам со себе да ги градите, значи ви треба од другата страна некој. Ние барем сме покажале и докажале досега дека сакаме со сите соседи да живееме. Осудени сме на овој простор, нема каде да одиме. Ние сме тие што покренуваме иницијативи. Еве, во однос на Бугарија, колку иницијативи имаме за гранични премини, за заеднички проекти. Исто со Грција. Колку нови гранични премини бараме, колку бараме соработка. Од другата страна молк, рече претседателот Иванов.

Во однос на откажаниот Самит на Процесот за соработка во југоисточна Европа, што на почетокот на јуни требаше да се одржи во Охрид, претседателот Иванов објасни дека Македонија настојувала Косово да учествува на него како гостин и на дневен ред да биде поставено прашањето за нејзиното членство во процесот. Но, поради поделбата на земјите учеснички околу учеството на Косово, било решено самитот да се откаже.

– Нема Македонија да биде место на чиј грб ќе се прекршуваат туѓи интереси. И кажавме дека претседавањето ќе го предадеме на министерско ниво. Министрите заседаваа и го предадоа претседавањето на Романија. Е сега сите овие критики што беа упатени, гледате Романија се обиде веднаш да создаде паралелен ист самит, да ги собере лидерите, никој не им прифати. Кај нас до последен момент имавме шест потврдени претседатели. Јас сум учествувал на самит со четири претседатели. Значи можевме ние да глумиме, ајде да пројде и без никаков проблем. Меѓутоа, она што се случи во Братислава и официјалното отварање на Самитот, и говорот на Ромпуј открива зошто не се случило во Охрид. Па земете го говорот се ви кажува. Мислам кажува: ‘Присуствуваме на историски самит во кој прв пат во историјата се среќаваат на претседателски самит претседателот на Косово и претседателот на Србија’. И тие ќе ви дозволеа Македонија да биде место каде ќе биде таа историска средба? Се е кажано. Така што, да не бидеме наивни, некој пат не дозволуваат Македонија да биде актер или Македонија да предводи во некои процеси, рече претседателот Иванов.

Според него, Македонија како домаќин, се подготви, а македонската дипломатија, вели, брилјантно си ја заврши работата, така што, не држат критиките дека нашата дипломатија потфрлила.

– Се си беше по книга до последните два дена, и кога видовме дека откажуваат членки на ЕУ, кога видовме дека целиот тој капитал вложен, дека Европската унија мора да ја оправда доделената Нобелова награда за мир и да покаже дека придонесува за мирот во регионот, видовме кој ни го смести тоа, рече претседателот Иванов.

Македонскиот претседател порача дека обврска на сите нас е да работиме за стабилна и успешна држава, што ќе биде пример за другите. Особено ја истакна улогата на младите и нивното почитување на сопствената држава како предуслов за нејзиниот успех.

– Стратегијата и визијата на која постојано работам е дека, ако ни ја одзеле географијата, ако сме сведени на ова, Македонија мора да се гради во височина, Македонија мора да доаѓа до највисоки стандарди, принципи и критериуми. Од тоа не смееме да попуштиме. Мора Македонците, како што биле, да останат Македонци. Да бидат трудољубиви, вредни и да се врати самодовербата, вели претседателот.

Имало периоди, додава шефот на државата, кога ни исчезнувала самодовербата, затоа што другите ги создавале стереотипите дека сме ние неспособни, дека сме ние маргиналци.

– Расте генерација, која е полна со самодоверба. Нашите млади веќе излегуваат на глобален план. Видете ги дечките од дигитална анимација, нивни анимации влегоа во Оскар. Видете ги нашите музичари, кој продор го прават надвор. Каде и да одам во светот по универзитети, среќавам млади луѓе од Македонија. Успеваат младите. Таа генерација расте во овој глобален свет. Ние секој пат сме заробени во претстави што ни ги создавале другите за нас и за регионот. Регионот веќе се менува, доаѓаат нови генерации. Проблемите остануваат, предизвиците се уште поголеми денес, но мора секој пат да се бориме. Битката сега не е на фронт, битката сега е на научно поле, на образовно, на културно“, рече претседателот Иванов.

Exit mobile version