ТЕМА: Избирачките одбори во Кичево за Локалните избори 2013

Изминатите неколку дена актуелна беше темата посветена на Избирачките одбори во Кичево за престојните Локални избори во 2013. Оправдано, после неколку новинарски написи, истата предизвика големо внимание помеѓу кичевчани. Со цел да нема разногласија, ќе се потрудиме појасно да пренесеме по која методологија се избираат, врз база на што се избираат, влијанието на територијалната поделба од 2004 година, новонастанатата ситуација и слични прашања кои попатно би се поставиле.

Прашањето за составот на избирачките одбори е уредено со Изборниот законик од 2006 година, и всушност делот кој се однесува на рамномерната и правична застапеност на  заедниците (во конкретниот случај албанската) воопшто не е променет до денес. Покрај  тоа, уште во 2009 година Државната изборна комисија донесе упатство со кое се решава оваа проблематика, а истото е верифицирано со меѓупартиски консензус, постигнат на лидерска средба на која присуствувале најголемите партии од власта и опозицијата.

Тогаш  општина која беше директно засегната со вакво прашање беше Струга (одлуката за Кичево беше одложена за 2013 година) од причина што со новата територијална организација се зголеми територијата на оваа општина.

Општина Кичево, согласно Законот за територијална организација од 2004 година, во 2013 година стана општина кон која се припоија општините Вранештица, Другово, Зајас и Осломеј. Соодветно на тоа се формира и нова Општинска изборна комисија во чиј состав претседателот е Албанец, заменик-претседателот е Македонец. Од членовите во ОИК,  двајца (2) се Македонци и двајца (2) се  Албанци. Истиот пристап се рефлектира и врз заменичкиот состав – по двајца (2) Македоци и двајца (2) Албанци.

При тоа треба да се има предвид дека при определувањето на составите во изборните комисиии избирачките одбори за релевантни податоци беа и сеуште како такви се користат податоците од последниот официјален попис на население од 2002 година со сите негови недостатоци. Согласно овие податоци со припојувањето на четирите општини кон општина Кичево како најдоминантен етникум на новата територија на општината (по припојувањето) се Албанците кои изнесуваат 30 927 или 54,50%, потоа Македонците – 20 278 или 35,74% и Турците – 2 998, односно 5,28%. Во недостаток на понови и пореални податоци за етничката структура, овие податоци се земени како единствено релевантни и покрај тоа што реалната слика е драстично поинаква.

Истиот аршин е применет и при составувањето на избирачките одбори. Единствена новост во 2013 година е начинот на кој ДИК јасно и прецизно утврди методологија (шаблон) за примена на упатството и не се остави простор за толкување од страна на општинските изборни комисии што како пракса се случуваше за време на претходни изборни процеси, при што во најголем број случаи стануваше збор за погрешна и тенденциозна појава која на крај резултираше со еднонационални избирачки одбори, што понатаму оставаше простор за најразлични изборни манипулации (полнење на кутии, гласање за друго лице, семејно гласање…)

Сега составот на избирачкиот одбор по национална структура е следен:

-претседател Албанец,

-заменик претседател Македонец

-член Албанец

-член Македонец

-член ВМРО ДПМНЕ

-член ДПА

-заменик член Албанец,

-заменик член Македонец

-заменик член ДУИ

-заменик член СДСМ

*Членовите од политичките партии се номинираат  на принципот ПАР – НЕПАР, така што предлозите на партиите од власта и опозицијата за член и негов заменик  се менуваат од место на место.

За потсетување, до овие избори, во избирачките одбори во Зајас и Осломеј каде во избирачкиот список беа запишани по околу 10 000 избирачи (вкупно преку 20 000 избирачи), во составот на избирачките одбори од вкупно 10 лица само двајца беа Македонци (и тоа заменик претседателот и еден член) чие присуство и учество во работата на избирачките одбори беше номинално и реално не траеше подолго од 2 часа. Од овие причини во изборните циклуси во 2002, 2004, 2005 и 2008 година имавме места со излезност од 80 – 90 %, што реално е апсолутно невозможно.

Сега, ваквата слика драстично ќе биде изменета, а составот на избирачкиот одбор нема да биде различен од место во место со што се зголемува кредибилноста за успешно организирање на фер и демократски избори на ниво на цела општина Кичево без некој да стравува дека изборите се организираат по принципот на „село без кучиња”.

Треба да се знае дека сите членови и заменици на ИО можат да престојуваат во избирачкото место, да работат и помагаат во процесот на изјаснување на граѓаните без да го нарушуваат редот и мирот, за тоа ги имаат сите законски претпоставки и никој не смее да ги отстрани или попречи привршењето на ваквата задача. Нивното присуство ќе биде еднакво значајно и во фазата на сумирање на резултатите од гласањето во избирачкото место како и при транспортот на гласачкиот материјал до ОИК. Овој начин на работа ќе се применува и во Цер и во Зајас и во Ламели, во Санде, во Вранештица во Србица …. на целата територија на  новата општина Кичево, без исклучоци, секаде исто и посветено и согласно законските процедури.

Впрочем, нивна законска обврска е да пријават случаи на нарушување, опструирање или попречување на процесот на гласање, доколку се сведоци на истото.

Поднесување на приговори

При евентуални неправилности во текот на гласањето на определено избирачко место, овластениот претставник на предлагач (пол. Партија) има право да стави забелешки на работата на одборот и на гласањето во определениот записник на место определено за тоа. Врз основа на ваква кратка забелешка, понатаму, партијата има право да поднесе ПРИГОВОР до ДИК. ДИК е единствениот изборен и одговорен орган кој решава по истакнатите приговори (тоа не го прават ниту ИО ниту ОИК тие само евидентираат забелешки во нивните записници)

ДИК има можност и обврска да напарави и увид во целокупниот материјал од гласањето за соодветното избирачко место, особено ако за гласањето на тоа место се поднесени два или повеќе приговри и врз основа на наодите да донесе евентуално решение за поништување на гласањето.

Против решението на ДИК, може да се поднесе тужба до Управниот суд.

* Во однос на именувањето на  секретар и негов заменик на општинската изборна комисија, согласно одредбите од Изборниот законик, тие се именуваат од страна на претседателот на ОИК. Во конкретниот случај, во ОИК Кичево секретарот е Албанец, а неговиот заменик е Македонец. Треба да се има предвид дека секретарот и заменик секретарот ги извршуваат само стручно-административните и организационо-техничките работи на општинската изборна комисија и немаат право на глас.

**Претседателот, зам.претседателот, членовите и замениците членови на ОИК се од редот на државната администрација, а додека претседателот, зам.претседателот, членовите и замениците членови на ИО кои не се номинирани од политички партии се од редот на јавната и општинската администрација и подлежат на дисциплинска и кривична одговорност при евентуални намерни повреди во процесот на работење како членови на изборен орган.