Јероѓакон Јосиф (Пречистански) – духовник со бескрајна љубов кон својот народ

Јероѓакон Јосиф

Јероѓаконот Јосиф од кичевскиот манастир „Пречиста“ бил монах и помалку познат собирач на македонски народни умотворби. Неговото крстено име е Иван Николов. Роден е во Крушово во 1870 г. Татко му Никола Иванов бил прв учител во овој град и од него Јосиф го добил првото образование. Гимназија учел во Солун и за него се грижел дебарскиот митрополит дедо Козма Пречистански тогаш на служба во Солун. Набргу по завршувањето на петтиот клас поради болест го прекинал образованието и се вратил за учител во манастирот Пречиста кај Кичево. По две години учителствување станал ѓакон во манастирот за да може да ги прехранува својата мајка – вдовица и малолетните браќа, но и „за да не може ништо да го оделеи од чудесните убавини на манастирските врвови и воопшто од Кичевско, во кои се вљубил со сета жар на првата младост“, како што пишува неговиот биограф Антон П. Стоилов. Тој имал душа на вистински поет и како поет знаел да сака. Но тој знаел и како никој друг да мрази особено кичевските Турци – насилници, кои во тоа време тој земен рај го свртеле на вистински пекол. Многу го сакал манастирот и никогаш не го напуштил.

Во цариградскиот весник „Новини“ од 1890 до 1905 година тој објавил повеќе народни умотворби главно од кичевско: гатанки, преданија и легенди, пословици, некои карактеристични зборови, една беседа против суеверието кажувана на празникот Цветници и др.

Јероѓаконот Јосиф има големи заслуги за македонското национално-ослободително движење, особено во кичевскиот регион. Бил негов активен член и организатор во Кичевско, Крушовско и Дебарско. Со својот другар од манастирот попот Стојан со пушка в рака давале пример како треба да се води борба за слобода. Ноќе правеле излети по селата низ Кичевско и Крушовско и сееле страв меѓу турските насилници што го напаѓале и ограбувале македонското население. Ја основал првата чета во Кичевско што дејствувала под раководство на легендарниот војвода Јордан Пиперката. Ваква чета основал и во Дебарско каде што исто како и во Кичевско долго време по неговата смрт од колено на колено се пренесувале преданија за него.

„Горскиот“ началник Лука Ѓеров (во средина), организаторот на револуционерното движење во Кичевско

За него во своите спомени пишува Лука Ѓеров.

Имаше еден ѓакон Јосиф, калуѓерче во манастирот Пречиста, кој се наоѓа до градот Кичево. Тој ѓакон, родум од Крушево, беше идеално момче, умно, чесно, со цела душа предадено на нашата идеја. Се сметавме за подредени на Централниот комитет и дејствувавме во согласност со уставот. Манастирот Пречиста имаше најголемо значење за да успее нашето дело. На ѓакончето Јосиф населението гледаше како на светец и многу му веруваше. Тој агитираше од амвонот, се врз основа на евангелието. Таму луѓето често одат, таму се даваа клетви, таму го направивме првиот склад со оружје, оттаму тоа се делеше во почетокот итн.

Починал во својата ќелија манастирот во 1902 г. додека работел на документи за Македонската револуционерна организација.

Exit mobile version