Катанчето (15)

Да гледаш карате филм, уште со Брус Ли, а да не пробаш да замавнеш со нога или рака, имитирајќи го, поарно да не си го гледал, џабе фрлени пари … Таиџи Казе светски авторитет во карате спортот, еднаш кажа за Брус Ли, дека тој бил обичен шарлатан, ама да можев би го запрашал: - „Колку пари заработија на тоа филмувано шарлтанство сите оние кои само поради публицитетот на Брус Ли, преку ноќ станаа барани сенсеи* за карате во цел свет“ ??!

Филмовите започнуваа со прикажување во 19 : 00 h во кино „Партизан“ а во „домот ЈНА“ во 20 h и зависно од самиот филм, „река од народ“ се слеваше во тогашните кино сали. За некои филмови требаше: „препорака“ – гледај го, добар е, за некои самата звучност на името повлекуваше, а за карате филмовите, особено со Брус Ли „карта“ повеќе.

Во кино „Партизан“ завршил филмот „Во Змејовото гнездо“ и сите полека се прибираат кон дома. Помеѓу нив и една група на повозрасни деца. Ем коментари, восхитувања, ем удари со нога во се што ќе им заличи на можна справа за вежбање како во филмот. Трафика од Тутун*, од тврд пресуван лесонит и удар врз неа со „маeгери“. Продолжуваат како да не било ништо …

Серијал текстови посветени на Кичево некогаш: „Ако појдам во чаршија“

…Ама било нешто, оти не поминале ниту 10 метра понатака, слушнале повик за спас од внатре од трафиката: … „Помош, помагајте, викнете милиција“. Дошла Марица* ја отвориле насилно вратата од трафиката и што ќе видат внатре, тасма голи во клопче фатени, чвор врзани продавачката и постар човек, нејзиниот шеф. В ќебе двајцата, директ од тука в болница, една инекција и ги разделиле „Сијамските близнаци“ !!

Прочитав некаде дека постоел преќутен договор помеѓу работничката класа (продавачката) и директорите (шефот) кој парафразирано на макро план би гласел: „Вие работниците ќе работите малку = нишај врата – земај плата, а ние директорите ќе „позајмуваме“ со мерка“. Сите крадат и сите задоволни, а никој не плачи. Пресликано во минијатура, на микро план, би значело дека шефот при пописот и прогледувал на продавачката низ прсти, а Бога ми и меѓу нозе, овозможувајќи и дефицитарната стока (нејзиниот список во тоа време беше подолг) секогаш да биде застапена во нејзината трафика. Тој „освежен“ со помлада крв и „сменето улје“ во понова кола, а таа побогата и материјално (пари) и духовно (искуство).

Од него попосле разбравме, „се правдал“ дека тоа се случило поради вградена Господова фабричка маана, бидејќи оној дел од машкиот полов орган што носи име глава а не мисли, му бил малку поголем од нормално, па затоа заглавил, а за неа непогрешливиот кум – народот, уште утредента и даде прикладно име: КАТАНЧЕТО …

Сенсеи* од Јапонскиот јазик = учител, познавач на вештина, од кој се очекува и во секојдневниот живот да се однесува како учител.

Тутун* - специјализирана фирма за продажба на сите видови цигари, весници и разни дребулии.

Марица* - возило Застава 101 од тогашната милиција.

Пренесува и раскажува: Марјан Стојаноски – Мако

кичевонастаниМарјан Стојаноски Маковистинити случкимајтапинамќорлоцинаравоученијаАко појдам во Чаршија