Кичевчанец дел од Економскиот Форум на Млади Лидери и 23 Економски форум

Нашиот сограѓанин Дејан Илиоски ја имаше честа да ја претставува Македонија и градот Кичево на најголемата меѓународна социјална и економска средба на лидерите на младата генерација во Европската унија и целиот европски континент.

Економскиот форум на млади лидери беше организиран во Полска, настанот го следеа повеќе од 350 млади лидери од 39 земји од ЕУ. Овој форум е средба на младата елита од Европа, каде преку панел дискусии се дебатира за суштинските процеси во светот, иднината на Европската Унија, конкурентноста на економијата во услови на криза, транс-атлантските односи, заедничките социјални и бизнис проекти,модерната технологија и најмногу од сè на значењето на солидарноста во современиот свет.

Со своето присуство на вториот настан – 23 Економски форум, кој беше посетен од 3500 претставници од Европа, Азија, САД и земјите од Блискиот Исток, Дејан имаше ретка прилика да ги претстави инвестициските можности во Македонија и градот Кичево, преку директно остварените средби со извонредни економисти, претставници од светската бизнис заедница,  како и со највисоките претставници на ЕУ и НАТО. 23 Економски форум е одлично место за создавање на нови меѓународни проекти, start-up бизниси и споделување на сопствено искуство и знаење.