Кичевчани за Кичево: Неправилното распределување на блок дотациите предизвика колапс во наставата во кичевските училишта (видео)

Вчера во дневникот 1 на Сител телевизија вклучување во живо имаа советници од коалицијата „Кичевчани за Кичево“ кои ја запознаа пошироката македонска јавност со проблемите и причините со кои се соочуваат кичевските училишта. Своја изјава дадоа советниците членови на оваа коалиција од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Дејан Пандилески и Чедомир Арсовски. Покрај нив, како член на советот на родителите на учениците, се обрати и Анѓелина Стефановска која ги пренесе одлуките на родителите.

Запрашан да објасни во каква состојба се наоѓаат кичевските училишта во кои нема настава повеќе од 3 недели, Пандилески рече:

– Основните училишта „Др Владимир Полежиноски“ и „Кузман Јосифоски – Питу“ повеќе од 13 дена не одржуваат настава бидејќи нема греење, а од вчера има нов проблем бидејќи се исклучени од електричната мрежа. Советничката група „Кичевчани за Кичево“ има сознанија дека од страна на Министерството за образование на Република Македонија до Општина Кичево се редовно исплаќани блок-дотации, но тие блок дотации не се рамномерно распределувани, поради што е дојдено до колапс во образованието во Кичево. Нашите сознанија укажуваат дека проблемот е настанат поради преголемата превработеност во основните училишта во северниот дел на општина Кичево. Поради таа преголема вработеност овие основни училишта овие основни училишта немаат нафта за греење и немаат електрична енергија.

Запрашан за тоа кога последен пат имале седница на советот и што било побарано од градоначалникот за решавање на оваа состојба, советникот Арсовски рече:

– На 30 октомври се одржа последната седница на советот на Општина Кичево на којашто коалицијата „Кичевчани за Кичево“ побара да се вметне точка и да се даде информација за настанатата состојба со училиштата во градот Кичево и околината. По неколку паузи и чекања дојде претставник од администрацијата за да даде информации дека се наоѓаме во критична состојба, дека се при крај резервите со нафта за греење и дека има долгови за струја, за која што денес и дојде до исклучување. Значи ни се случува она, што СДСМ на централно ниво повеќе пати предупредува, дека во училиштата имаме неколку критични места каде што не ни одат децата на настава. Се надеваме дека ќе се најде решение и на централно ниво. Од градоначалникот немавме информација што би ни кажало што ќе се преземе, освен од изјавата за медиумите во која кажува дека ќе побара од владата да интервенира со доставување на нафта од државните резерви.

Прашан  дали од страна на советниците од коалицијата „Кичевчани за Кичево“ е побарано итно свикување на нова седница на која ќе биде расправано до каде е решението за настанатиот проблем, Дејан Пандилески рече:

– Веќе наредниот ден после настанатиот проблем со греењето ние имавме редовна седница на советот на Општина Кичево, јас, како координатор на коалицијата „Кичевчани за Кичево“, побаравме информација од претседавачот на советот, беше повикан претставник од администрацијата, но ние како коалиција немаме добиено никаков конкретен одговор како ќе се реши проблемот од страна на општината. Исто така бевме информирани на седницата на советот на општината дека пред иста ваква криза се наоѓаат средните училишта „Мирко Милески“ и „Дрита“ во кои учат над 2600 ученици. Од вчера и основното училиште „Санде Штерјоски“ во кое учат над 1300 ученици е исклучено од електричната мрежа.

Своја изјава даде и членот на советот на родителите на учениците, Анѓелина Стефановска, која беше запрашана за средбата која ја имале родителите со градоначалникот Фатмир Дехари и дали им било кажан конкретен план за решение на проблемот.

– Се сретнавме со градоначалникот но не ни даде конкретен одговор, само кажа дека ќе побара помош од владата. Ние во тоа не гледаме решение во тоа, единствена надеж ни е владата. Доколку и таа не помогне, децата нема да одат на училиште. Загрижени сме за нивната здравствена состојба и на нивното прекинато право на образование. Најосновниот услов е да учат во топли простории, да се здравствено обезбедени, само така ќе можат нормално да ја следат наставата.

Проблемот во кичевските училишта од ден во ден се влошува. Учениците трета недела не посетуваат настава поради необезбедено греење на училиштата. А од завчера ситуацијата се влоши кога од електро-дистрибутивната мрежа беа исклучени сите основни училишта во Кичево. На учениците од гимназијата им било кажано дека нафтата за греење е при крај и дека можно е и тие да се најдат во иста ситуација како и основците.

Exit mobile version