Кичево абер пристигна

Пишува: Ѓорѓи Сламков
Минатата година одбележавме голем број јубилеи, десет години од ова, дваесет од тоа, со исто темпо продолжуваме и годинава, со тоа што сега на ред ќе дојде една многу значајна, но за нас трагична годишнина, сто години од поделбата на Македонија

Пред сто години Македонците немале сопствена држава, без меѓународна поддршка (единствено во Русија и во Швајцарија македонските друштва имале одредена организираност, но недоволна за успешно лобирање), биле изложени на соседска пропаганда и редица други околности што придонеле за поделба на националното ткиво. Имено, за време на Балканските војни, особено втората што се водела за поделба на Македонија, нашите предци ги полнеле редовите на бугарската, српската и грчката војска и од вкупно загинатите огромен број припаѓа на Македонци, но нивниот број не може да се утврди бидејќи ниту една од страните не ги признавала, територијата на Македонија била изорана од воените дејства (на ова се дополнува Првата светска војна со последиците од Солунскиот фронт).

Така било пред сто години, последиците се чувствуваат и денеска, но ние треба да го запомниме датумот, бидејќи на 10 август 1913 година е официјализиран геноцидот врз македонскиот народ од страна на соседните народи со амин од тогашната меѓународна заедница, Франција, Британија, Русија. По сѐ изгледа Грција, во рамките на активностите за решавање на спорот за името, годинава ќе го слави јубилејот за „ослободување“ на северните територии или 50 проценти од територијата на Македонија, проследено со целосна промена на демографската структура, денес нешто македонско, и тоа во прикриена форма, може да се сретне само во Леринско, Воденско и Соботско, многу тешко во Кукушко, Серско, Драмско или кај Кавала.

Денеска состојбата е поинаква, нашите позиции се подобри, повеќе од дваесет години имаме своја држава со сите белези, но дали ја извлековме поуката од настаните од пред сто години. Не, разочарувачки но тоа е одговорот, повеќе од дваесет години се делиме меѓу себе на десни и леви, од центар или од провинција, за ова или за она, погледнете ги социјалните мрежи и видете ја таа непотребна омраза што се шири меѓу нас, нема логика за сето тоа, но сепак, од инает, да му умре козата на комшијата. Овие неразумни поделби го слабеат македонското национално ткиво, без потреба се губи енергија, слабеат позициите, со секои нови избори имаме послаби позициите при формирањето влада, разочарувачки. Сосема е нормално политичките партии да имаат различни гледишта за одредени прашања но не е нормално да немаат заеднички став за основните национални интереси. По настаните од 2001-та и подоцнежното територијално прекројување се поставува прашањето имаме ли ние национални интереси, дали политичарите штитат нешто повозвишено што обичниот народ не го знае или се е ветер и магла. Има доза на сличност меѓу поделбата на Македонија во 1913 година и територијалната реорганизација на Република Македонија од 2004 година, и двете симболизираат пораз на Македонците, слабост и неединство, тоа се фрустрации што се влечат со децении, а гледаме и со векови.

Пред неколку дена се видов со пријатели од Кичево и, како што е редот, ги прашав како е таму, мислејќи на зимските временски услови, но нивниот одговор беше „жешко и тешко“, или локалните избори се наближуваат а прогнозите не се добри. На оваа тема пишував колумна пред неколку месеци и не би се навраќал како дојде до ова и зошто требаше кон градот да се припојуваат рурални општини, сега треба да се пишува што понатаму. Имено, за да победи кандидат-Македонец во битката за градоначалник на Кичево основен услов е сите Македонци масовно да излезат и да гласаат за единствен кандидат, а тоа логично повлекува и единствена советничка листа. Македонците во Кичево мора да забораваат на поделбата на леви и десни и не знам какви, замислете дел од Македонците да се придржуваат кон препораката за бојкотирање на локалните избори, која трагедија ќе биде за нив. Локални избори може да се бојкотираат во Штип, Кочани, Струмица, но не во Кичево, не и во Струга, бидејќи во овие населени места нема поправен.

Навистина трагикомична ситуација, додека албанскиот блок се обединува преку еден кандидат, со мобилизација на иселениците од Кичевско, создавајќи победничка атмосфера од историски карактер, кај македонскиот блок поделбата расте, човек би се запрашал кои се македонските национални интереси за овој регион и, повторно, има ли нешто што обичните граѓани не го знаат и вреди повеќе од локалните избори, а за тоа македонските партии се грижат или сѐ е пуштено низ вода. Ако мислат кичевчани дека постои некоја виша сила што ќе се потруди работите да им одат во прилог, се лажат, нека ги извадат од глава мотивите за партиска поделеност и нека ја погледнат во лице суровата реалност, а таа вели дека од граѓаните на тие населени места зависи каква иднина ќе имаат. За разлика од пред сто години, кога нашите предци немале можност самостојно да ја креираат својата иднина и други одлучувале за нив, во кичевскиот случај изборот е на самите граѓани, имено, локалните избори во Кичево ќе бидат голем тест за националното единство. Не би сакал да прејудицирам, но некоја форма на национално единство, ако се сеќавате, имавме за време на војната во 2001 година, т.е. широката коалиција за која сметав дека ќе ги заштити националните интереси, но се излажав. Такво единство не му е потребно на Кичево, ниту пак на Струга, бидејќи е далеку од смислата за неговото постоење, какво треба да биде најдобро знаат граѓаните на овие населени места.

На 24 март ќе чекаме абер да пристигне од Кичево. Каков ли ќе биде?

Авторот е универзитетски професор

Превземено од: Нова Македонија