Во 1990-тите на Кичево му се случи економски „Чернобил“

Кичево порано важело за град со средна економска развиеност, но по транзицијата од многуте стопански капацитети што функционирале во градот, денес повеќето се затворени, поради што без работа останале околу 5.500 граѓани.

НЕДОСТИГААТ ИНВЕСТИЦИИ

Забрзан економски развој и отворање нови работни места преку странски и домашни инвестиции во индустриската зона во Кичево, како и довршување на автопатот кон Охрид, се дел од неопходните активности за развој на градот. Граѓаните на овој град со децении се мачат да обезбедат егзистенција поради затворањето на компаниите во 1990-тите години, а дел работа побараа надвор од Македонија.
Поранешниот градоначалник и сегашен кандидат за градски татко на Кичево, Благоја Деспотоски, потсетува на дел од некогашните гиганти што вработувале речиси 300 илјади луѓе и истакнува дека на Кичево му е неопходна поддршка од власта за забрзан економски развој.

– Во Кичево и околината некогаш работеа дрвниот комбинат, фабриката за навојни производи, текстилни компании, фабрика за производство на тули, погоните на ЕМО, рудникот „Тајмиште“, фабрика за мермер, мелницата и други компании.

Најголем дел од нив денес не работат, а наместо нив, имаме многу помали фирми, кои вработуваат најмногу педесетина граѓани. Тоа воопшто не е доволно за потребите на кичевци – истакнува Деспотовски.
Според него, голем придонес во развојот на Кичево и околината може да има довршувањето на автопатот кон Охрид, како и продолжување на пругата, а со неа и почести линии кон Скопје и назад.

– Власта треба да даде поголема поддршка за побрзо отворање работни места. Во Кичево има слободна индустриска зона и за неа е потребно да се донесат странски инвеститори, со чии погони би се овозможило отворање на нови работни места. Исто така, со продолжувањето на автопатот кон Охрид, кое треба да почне што побрзо, ќе се овозможи развој на мали претпријатија. Мора да се создадат некакви перспективи за граѓаните – додава Деспотоски.

Затворени компании

Кичево порано важел за град со средна економска развиеност, но по транзицијата од многуте стопански капацитети што функционирале во градот, повеќето се затворени, поради што без работа останале околу 5.500 граѓани.

Во 1990-тите години е затворен најголемиот производствен капацитет за преработка на дрво „Треска копачка“ со 950 работници, кој до крајот на 1960-тите важел за голем стопански капацитет во југозападниот дел од Македонија.

Иако имало неколку обиди за рестартирање на фабриката за навојни производи „Тане Цалески“, производствните хали во кои работеле 550 лица се целосно испразнети. Рудникот „Тајмиште“, кој со железна руда ја снабдуваше скопската „Железарница“, затворен е во 1989 година, со што без работа останаа близу 400 лица.

Во Кичево некогаш работеше и земјоделскиот комбинат, по чие затворање без работа останаа над 300 работници, а во почетокот на 1990-тите години престана да работи и фабриката за украсна керамика „Вранештица“, со што без работа останаа 200 лица. Конфекцијата „Кикотекс“ со променлив успех работеше до 2006 година, од кога 500 конфекционери отидоа под Заводот за вработување, а слична судбина имаа и градежните работници од „Гранит“.

Од двата погона на ЕМО, со близу 300 работници, цинкарницата работи повремено, додека другиот капацитет е целосно затворен. Транспортното претпријатие „ЖАС Кичево“ имало 300 вработени, 50 автобуси и 80 камиони, но денес не постои. Слична судбина има и погонот за откуп на шумски плодови „Агрокооп“, кој престана со работа пред 20 години, како и други капацитети што биле затворени, како трговските претпријатија „Кичево пром“ со 300 вработени, „Лозар“ со 100, „Меркур импорт“ со 70 и други.

Мали претпријатија

Денес во Кичево од некогашните економски субјекти сѐ уште работи само РЕК „Осломеј“, иако жителите на овој град се сомневаат дека овој капацитет е дотраен најмногу поради намалувањето на резервите на јаглен во рудникот. Еден од малкуте новоотворени капацитети е фабриката за слатки и костеново брашно „Драго“, која вработува стотина граѓани.

Жителите посочуваат дека, како и низ цела држава така и во Кичево, само трговијата и угостителството најбезболно го пребродиле транзицискиот период. Денес во градот успешно функционираат трговските претпријатија „Атва“, „Ајчо“ и „Нино“. Успешно опстојуваат и функционираат и повеќе бутици, кафулиња и кафеани, а во Кичевијата има и неколку мали погони за производство на бекатон-плочки, неколку пекарници, а функционираат и десетина такси-здруженија. Огромен подем има во отворањето аптеки, обложувачници и банки, но тие не придонесуваат кон нов инвестициски циклус.

Кичевци велат дека сите поситни капацитети што функционираат сега ни оддалеку не можат да обезбедат вработување како во 1990-тите години, а дополнителен проблем е нерегулираниот работниот статус на работниците. Некои од граѓаните својот леб го вадат работејќи и во малите погони за производство на печурки или во некој рибник.

Пред два дена премиерот Никола Груевски го посети Кичево, а по остварените средби вети зголемување на поддршката за градот.

– Ние остануваме за Кичево, Кичево е Македонија и ќе остане Македонија, а Владата во иднина тројно ќе ги зголеми напорите да им помага на луѓето тука. Да има повеќе работни места, градби и инвестиции за граѓаните да го добијат тоа што го заслужуваат, поквалитетен живот – изјави Никола Груевски по средбата.

Никако да се рестартира „Тајмиште“

Интересите и ветувањата од странски и домашни инвеститори, за жал, не дадоа плод, па некогашниот рудник „Тајмиште“ и понатаму е без концесионер. Последниот обид на акционерското друштво за производство, преработка, промет и услуги „Тајмиште“ за искористување на железната руда од кичевскиот рудник пропадна бидејќи заинтересираните не ги уплатија договорените 780 илјади евра, еднократен надоместок за искористување на железната руда во предвидениот рок.

Се проценува дека рудникот има висококвалитетна железна руда, чие ископување би траело 150 години, но рудникот е затворен веќе 15 години.

За само неколку месеци Владата избра два инвеститори за рестартирање на рудникот, но и двете заинтересирани страни не го уплатија надоместокот, поради што не ја добија предвидената 30-годишна концесија за кичевскиот рудник.

На средината на минатата година министерот за економија Ваљон Сарачини посочи дека турски инвеститор „Курум холдинг“ нуди два милиони евра за експлоатација на железната руда, но во септември Владата ја повлече одлуката поради неуплатени средства. Во последниот тендер беше предвидено концесионерот на „Тајмиште“ да отвори фабрика за преработка на железната руда и да вработи 1.000 луѓе за пет години. За овој рудник интерес покажаа инвеститори од Индија, Америка, Англија, Бразил, Мексико, Русија и од Кина.

Автор: Зоран Антоски

Фото: Игор Бансколиев

Извор: Нова Македонија

Exit mobile version