Кичево меѓу градовите со најзагаден воздух за дишење

Заедно со жителите на Скопје, Тетово и Битола, кичевчани дишат најопасен воздух во Македонија.

Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми посочи дека се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се пренасочи движењето на товарни возила од периодот од 7:00 до 19:00 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат и мијат улиците.

– Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги пренасочува товарните моторни возила чија крајна дестинација не е Градот Скопје преку обиколницата на Градот Скопје. Се препорачува на Градот Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево, интензивно да ги чистат улиците особено околу градилиштата, изјави Адеми.

Апелираше до граѓаните да користат јавен превоз. -Во овој период кога температурите се ниски, не може да ги повикаме граѓаните да користат велосипед, меѓутоа можеме оваа прилика да ја искористиме да ги повикаме да косистат јавен превоз, да не се возат со сопствени возила, да се возат повеќе лица во едно возило итн, изјави Адеми.

Министерот Адеми смета дека евентуална забрана за возење автомобили нема да дава ефекти. –  Напротив ќе создаваме метеж во сообраќајот и да создадеме други точки на загадување, застој во сообраќајот итн, изјави Адеми.

Адеми истакна дека според мерењата што се извршени во изминативе неколку денови најголемо загадување во овие региони е забележано во периодите од 7:30 до 11:00 часот  и од 17:00 до 21:00 часот.

– Според нашите податоци добиени од автоматскиот мониторинг систем за следење на квалитетот на воздухот во Скопје, Тетово, Битола и Кичево неколку дена има надминување на секојдневната гранична вредност, меѓутоа надминувањето на среднодневната гранична вредност не е во текот на целиот период на денот туку во одредени периоди и тоа од 7:30 до 11:00 и од 17:00 до 21:00 часот, изјави Адеми. Додаде дека во овие временски интервали загадувањето во овие четири региони било неколку пати помало.

Се задолжува Државниот инспекторат за животна средина во соработка со овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори на Градот Скопје и другите општини да вршат секојдневна контрола на инсталациите кои подложат на „А“ и „Б“ дозволи. Исто така да се контролриаат автосервисите и помалите капацитети за кои имаат сознанија дека користат употребувано масло за греење. Се препочува на компаниите кои добиле „А“ интегрирана дозвола, а кои се во општините каде се надминати вредностите да работат со редуцирано производство од нивните капацитети.

Министерството и општините се задолжени од Владата да изработат план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот, а онаму каде има индикации дека квалитетот на воздух се влошува да изработат исто вакви планови. Мерење на квалитетот на воздухот ќе се врши со мобилни апарати и во општините каде што тоа сега не се прави.

– Се задолжува Министерството за животна средина да предложи измени на Законот за квалитет на воздух со кои ќе се предвиди казна за одговорните лица во институцијата која е задолжена да подготви план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот во соодветната единица на локална самоуправа, изјави Адеми потенцирајќи дека ова се краткорочни мерки.