Кичево сепак ќе задржи дел од легендарната калдрма

Целосната реконструкција на главната улица во Кичево сепак ќе задржи дел од стариот белег бидејќи во средиштето на градот ќе останат автентичните гранитни коцки.

Така што на потегот од поранешниот ресторан Слобода до раскрсницата со улицата Гоце Делчев во должина од 300 метри, на коловозот се враќаат старите гранитни плочки поставени пред шест децении.

-Иако главната улица во нашиот град целосно се реконструира, за да го зачува автентичниот изглед, во должина од 300 метри, на коловозот во центарот на градот ќе бидат вратени старите гранитни  коцки, со што ќе биде зачувана автентичноста на главната улица како потсетување на времето кога за прв пат  градот добил современа градска улица – рече Дарко Белески, задолжен за ЛЕР во општина Кичево.

Инаку овие коцки беа поставени по целата должина на улицата Александар Македонски, биле рачно делкани од гранит пред шест децении.

Текст и Фото: Зоран Антоски