Кичево Засекогаш!

Ниеден кичевчанец (особено оние кои се надвор од Кичево) не останаа рамнодушни на песните на Зоран Стојаноски – Челентано. Легендарните стихови „Незнам уште колку рекол Бог, незнам уште колку лета, но едно знам, на крајот, после се, мојата душа тука ќе шета“ се редови со кои се идентификува скоро секој кичевчанец.

По објавените две книги, во печат е третата книга од Зоран Стојаноски од трилогијата за Кичево, насловена како „Кичево засекогаш!“. Ни претставува особена чест да пренесеме две од песните кои ќе се најдат на оваа книга. Меѓу нив и една во спомен на професорот Бранко Стојаноски, човекот кој „згреши“ бидејќи си ја сакаше татковината.

* * *

КИЧЕВО ЗАСЕКОГАШ

Тогаш само офицерите носеа кратка коса
и само тие живееа во стан
Лабакон со транзистор ко тамбура
„Трла баба лан“.

При лето се топеа снегојне
полено езеро, џадено брегојне
Сушица камења носеше, јачеше
„Ко го урива Корзо, Диме Чико плачеше.

Во „Вардар на сутлијаш со клакер
кај „Турнибука“ први ражниќи на жица
во Партизан „Винету и Олд Шетерхенд
една плава од Прчевци е избра за лепотица.

Кај „Црвени Стени“ имаше читална
мераклии ја отворија
со години господски муабетеа, читаа
едно чудо чоканчиња прочитаа.

„Кардинали“ пееа протестна песна
за Виетнам и беа во тренд и океј
во „Турист“ првото диско во градот
и Целе Хомсон, првиот диск џокеј.

Тој ден Џума маало беше тажно
немаше играње сите се сневеселија
Музе и Аметче Голомеше
Станбол се иселија.

Ги испративме до кај „Ориентон“
уште малку заедно да бидеме
иако мали нешто ни кажуваше
дека повеќе нема да се видиме.

А Танто раскрисан во Бингоно
утрото која, што, градски новости
вечерта Диме Гонзана, Целе Мајчица
„што зора ближе то бољи гости“

Утрото градот осамна исшаран
„Дамси“ на секоја улица, зграда
беа на сослушување, казнети
за слободен дух како награда.

Го сврте светов ќерне
и пак иста мисла секогаш
нигде и ништо ко прва љубов
КИЧЕВО ЗАСЕКОГАШ.

* * *

СЕ БИЛО ТАКА МОЈ ПРОФЕСОРЕ !
(на Бранко Стојаноски)

Прв пат тогаш чув дека било тешко
„копачење на сртот“
цензура на умот, солза мајкина
и „темните визии на Евра Јофкина“.

Подоцна разбрав дека бил следен и казнуван
за љубов кон својата нација
за такво возвишено дело
жиг за навек, деградација.

Хоризонтите кон убавиот пишан збор
Вие ми ги отворивте
љубовта кон ова парче земја
ми ја откривте.

Да имаш чест на тие две нешта
цел живот да робуваш
а најмногу што можеш да вратиш
со песна се заблагодаруваш.

Се било така мој професоре
не покани живот со светол лач
кој ваму, кој таму, кој вака, кој така
се разделивме, но нели, нема плач.