Кичевски „вундеркинд“ ја гледа својата иднина во Македонија

Мартин Крстески е еден од оние со кои Кичево може да се гордее. Градот со години наназад низ образовната историја нема ученик кој во текот на основното образование се стекнал со две државни награди, како што е Мартин Крстески. Мартин е ученик во 9-то одд. во ОУ ,,Др.Владимир Полежиноски“ Кичево кој овој месец успешно го претстави нашиот град на Државниот натпревар за 9-то одд. по хемија кој се одржа на Природно-математичкиот факултет во Скопје и во тешка конкуренција ја освои Првата награда.

Овој успех, државна награда, како за Мартин, така и за неговото училиште но и за нашиот град не е единствена. Мартин има освоено и уште една државна награда, минатата година на државниот натпревар за 8 одд. по Биологија кој се одржа исто на Природно-математичкиот факултет во Скопје освои 3-та награда. Успесите на овие два државни натпревари не се единствени за него. Патот до учество на државен натпревар не е лесен и едноставен. Мартин претходно поминува низ повеќе натпревари, прво училишни, општински, регионални… и на сите тие се пласира меќу најдобрите. Најголема среќа за еден наставник и за едно училиште е да има ученик како него. Зад себе има и повеќе награди, дипломи, благодарници, сертификати, уверенија за учество на натпревари и сл.

Најголемата, највисоката награда која еден ученик може да ја осви во текот на своето образование, Првата награда на државен натпревар по Хемија, ја освојува во мај оваа година. Истава година освојува и втора награда на општински натпревар по хемија. Во Мај 2017 ја освои Третата награда на државен натпревар по Биологија, еден месец пред тоа, Април 2017 година добива втора награда на општински натпревар и втора награда на регионален натпревар по биологија за ученици од 8-мо одд. Мартин, повеќепати се докажа дека е и доста добар математичар – минатата година беше најдобар во нашата општина, но и во регионот, освојувајќи на 25 февруари 2017 година Прва награда на општински натпревар од основното бразование и Прва награда на регионален натпревар организиран од Сојузот на математичари на Македонија. Секоја година учествува и на Меѓународниот натпревар КЕНГУР и најчесто освојува први места на општински и на регионалниот натпревар организиран од Сојузот на математичари на Македонија. Мартин како добар и успешен ученик се покажа по сите предмети, има учествувано и на Државниот натпревар на млади техничари и природници од Македонија во областа Екологија. Мартин е млад генијалец. Покрај тоа што е добар во природните науки, нему му лежат и јазиците, одлично ги владее од странските јазици англискиот и албанскиот јазик.

На меѓународната олимпијада што ќе се одржи ова лето, додека учениците се на распуст, Мартин ќе биде единствениот претставник на Македонија и се надеваме гордо ќе ја претстави и, се надеваме, ќе се врати со награда.
Во слободно време спортува фудбал и ракомет, игра компјутерски игри и сл. Неговото образование и неговата иднина ја гледа во својата земја, каде што се чувствува најдобро, а моментално се подготвува и ова лето планира да учествува на Меѓународна олимпијада по Хемија која ќе се одржи надвор од Македонија. Примерот за трудот и успехот на Мартин Крстески, треба да биде позитивен пример за сите ученици да учат за да научат, бидејќи учењето и знаењето се тајната на успехот.