Пратеникот Китаноски имаше средба со црногорска делегација во Собранието на РМ
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Македонија денес остварија средба со Делегација на Комисијата за меѓународни односи и иселеници при црногорскиот Парламент. Во состав на црногорската делегација меѓу другите беа и претседателот на Комисијата за меѓународни односи – Миодраг Вуковиќ, заменикот претседател на црногорскиот парламент Суљо Мустафиќ и амбасадорот на Р.Црна Гора во Македонија – Душан Мрдовиќ.
На средбата беа потенцирани традиционално добрите односи помеѓу Република Македонија и Република Црна Гора, а меѓудругото, стана збор и за досегашната соработка и меѓусебна поддршка во поглед на евроатланските интеграции.
Претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Илија Китаноски во својот говор истакна дека Република Македонија и Република Црна Гора имаат взаемен интерес за градење на пријателски односи и дека успехот на секоја од нашите земји одделно е успех за сите земји од Регионот.
Китаноски нагласи дека клучен приоритет на Република Македонија во евроинтеграцијата останува добивањето на датум за почеток на преговорите со Европската унија и дека нашата држава останува посветена на натамошното имплементирање на севкупните реформи за постигнување на ЕУ и НАТО членство.