Наташа Коцевска се подготвува да стане доктор на науки

Паралелно со спортот, нашата ракометна интернационалка Наташа Коцевска успешно чекори и во академската сфера.

Покрај успешните настапи за повеќе германски клубови во последните шест години, моментално за второлигашот Борусија Дортмунд, една од нашите најубави спортистки ги приврши постдипломските студии на универзитетот “Рур” во Бохум, од областа на физикалната терапија.

– Мојот магистерски труд е тесно поврзан со спортот и има работен наслов “Дијагностика и интервенции во спортот”. Постдипломските студии ги посетував на универзитетот “Рур” во Бохум и беа во траење од две години, односно четири семестри. Успешното чекорење на двата колосеци е исклучително напорно, бара многу жртви и одрекувања. Но, ако се знае дека со ракомет не можам да се занимавам цел живот, се определив главниот акцент да го ставам на научното усовршување. Нема да застанам на овој степен на образование, туку планирам за три-четири години да станам и доктор на науки од областа на физикалната терапија, со што целосно ќе го заокружам своето образование. Крајна цел ми е да станам универзитетски професор – рече 28-годишната Коцевска, која има дипломирано на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Таа го напушти македонскиот ракомет пред шест години, кога го најде првиот ангажман во Германија, во тимот на Зулцбах. Потоа помина по една сезона во Баер Леверкузен, Вајберн и во Тирингер, пред да се скраси во Дортмунд. Зад себе има и настапи на две светски и на две европски првенства.

Зоран Антоски

Извор: Вест