Од 30 кондураџии во кичевската чаршија останаа само тројца

Луѓето повеќе не ги интересира квалитетот, туку цената. Купуваат чевли за 400-500 денари и немаат потреба да ги поправаат старите. Сепак, не планирам да се откажам од овој занает бидејќи нему му ги посветив најубавите години од својот живот, вели Реџеп Карагоски, еден од тројцата преостанати кондураџии во Кичево.

На кондураџискиот занает, како и на повеќе други традиционални занаети, му се заканува опасност од исчезнување. Така е и во кичевската чаршија, каде што во 1960-тите години работеле повеќе од 30 кондураџии, од кои денес едвај преживуваат тројца. Еден од нив е Реџеп Карагоски-Шеки, кој во чаршијата работи веќе 35 години. И покрај напливот на евтини увозни обувки, главно од Кина и од Турција, тој планира својот работен век да го заврши во друштво на иглата, конецот и лепилото.

– Мојот татко Фуне цел живот беше бербер, но мене повеќе ме привлекуваше кондураџискиот занает затоа што мислам дека умешноста на правење обувки е покреативна работа од берберскиот занает. Затоа одлучив, наместо ножици, чешел и машинка, во раце да земам игла, конец, ѓон и лепило. Занаетот го учев во дуќанот кај мајстор Себаудин, каде што останав цели четири години. Во тоа време, покрај учење на занаетот, поради близината на киното „Партизан“ до дуќанот, станав и голем филмофил. Ги собирав и ги лепев сите плакати од филмовите што се прикажуваа во киното. Така дуќанот по неколку години почна да личи на филмски архив – вели Реџеп.

Тој се потсетува дека пред 20 и повеќе години од овој занает можело добро да се заработи, дури и да се остави нешто настрана, додека денес буквално се преживува. – Прашање на време е кога овој занает целосно ќе го снема од кичевската чаршија. Во времето на поранешната држава од овој занает се живееше доста добро. Го паметам златното време кога во нашиот град имаше голем број старешини, кои редовно доаѓаа во нашиот дуќан да ги поправат чевлите. Секогаш по завршената услуга оставаа бакшиш со кој одевме на утринска чорба и на пладневно кафе – се сеќава Реџеп, познат по прекарот Шеки.

Најголем непријател на занаетот, според него, е зголемениот увоз на евтини чевли, пред сѐ од Кина.

– Луѓето повеќе не ги интересира квалитетот, туку цената. Купуваат чевли за 400-500 денари и немаат потреба да ги поправаат старите. Сепак, не планирам да се откажам од овој занает бидејќи нему му ги посветив најубавите години од својот живот – додава Реџеп Карагоски.

Интересно е тоа што три генерации во семејството Карагоски се занимаваат со три различни занаети – од бербер, преку кондураџија, до автомеханичар.

Зоран Антоски

Извор: Нова Македонија