Викендов на езерото Козјак: Куп во далечинско пливање

Денес во просториите на Агенцијата за млади и спорт се одржа прес конференција на Пливачката федерација на Македонија на која беше презентиран „Македонски куп во далечинско пливање – КОЗЈАК МАРАТОН“ 2013 кој за прв пат ќе се одржи на вештачкото езеро Козјак на ден 31.08.2013 со почеток во 11:00 часот.

Пливачката федерација како организатор заедно со ЈП „Јасен“ како технички организатор го организираат натпреварот во далечинско пливање на 2.5, 5 и 10 км. Целта е да се направи Маратонски Куп во маратонско пливање и покрај оние на Дојран, Преспа и Тиквешкото езеро, Маратонот Козјак, би бил четврти. Исто така цел на организаторот е Маратонот Козјак да влезе во ФИНА светскиот куп на трки од 10 км со што нашите пливачи маратонци да се стекнат со олимписка норма за претстојната олимпијада во Рио де Жанеиро, 2016 година во дисциплината на 10 км.

На истата ќе настапат 48 пливачи во 3 категории од кои најбројна е онаа на 2.5 км со пливачи од 13-14 годишна возраст каде учесто ќе земат 25 пливачи а на трките од 5 и 10 км пријавени се вкупно 12 пливачи. Обезбеден е и награден фонд од 300.000 денари а пливачите се од клубови во Р. Македонија. Има 3 старта, првиот на 2,5км во 11:00 часот, вториот на 10км во 12:30 и 5км во 12:45.

Настанот исто така е покриен со искусни судии кои учествуваа на Охридскиот маратон, безбедноста е на највисоко ниво како со пловни објекти така и со медицински екипи. Што е и еден од критериумите кои ФИНА ги бара од идни аспиранти кои сакаат да станат дел од ФИНА светскиот куп.

Покрај ова промотивно ќе се одржи и трка со кајаци на мирни води, трка со скутери а за посетителите ќе се обезбеди и добра забава со музика и храна.

Пристапот до местото на одржување на спортска манифестација „Македонски куп во далечинско пливање – КОЗЈАК МАРАТОН“ 2013 на 31. август 2013 год. (с. Близанско – на брегот од Акумулацијата) од правецот на Скопје е: Скопје – Марков Манастир – Нова Брезница – Кула – Коломонт – „мост на Близанско“ – с. Близанско од 06:00 до 12:00 ч. Во текот на оваа временска рамка сите посетители без ограничување ќе можат да го користат овој патен правец (Скопје – Близанско на А. Козјак) само во дадениот правец а истиот ќе биде регулиран од сообраќајната полиција. Заминување на учесниците на манифестацијата од А.Козјак: 13:00 до 21:00 ч. Во текот на оваа временска рамка сите посетители без ограничување ќе можат да го користат овој патен правец (Близанско на А.Козјак – Скопје) само во дадениот правец а истиот ќе биде регулиран од сообраќајната полиција.