Водичарски крст од Кичевско Србјани од 1856 година

По вчерашната објава за водичарскиот крст од село Орланци, наш читател ни испрати фотографии и информации за крст од селото Србјани кој датира од 1856 година. Овој крст бил донесен од селаните кој биле на печалба во Влашко (Романија). Направен е од месинг и изгравиран е со словенска азбука заедно со годината. Цели 157 години им служи на жителите на Србјани при прославата на големиот празник Богојавление – Водици.

Инаку селото Србјани поседува една од најстарите цркви во кичевско, црквата Свети Петар и Павле. Црквата дури три пати е обновувана, но староста на нејзините темели засега не е утврдена. Врз основа на турски попис од 1494, во селото живеел Поп Никола со синовите кој служел во истоимената црква. Оваа црква била соборна и за околните села, а ја викале и „Голема Црква“. Празникот на Апостолите Петар и Павле бил ден за голема прослава. Врз основа на овој документ во 1994 година се прослави јубилеј 500 години мисија на оваа црква. Се одржа света литургија во која чиноначалствуваше Неговото блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Михаил во сослужение со митрополитот Дебарско – Кичевски г. Тимотеј и свештеници од епархијата. На свеченоста присуствуваше и тогашниот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров.

Благодарност до Ивица Николоски од с. Србјани!

* Доколку имате слични информации, слободно контактирајте не на kontakt@kicevo.mk

Exit mobile version